Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска изнесе серија обвинувања за наводни злоупотреби и системски пропусти во работењето на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за време на претходната влада на СДСМ и мандатот на поранешниот директор Пеце Мирчевски.
Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, Државниот завод за ревизија извршил ревизија во која, како што тврдат од партијата, биле утврдени низа слабости во финансиското и кадровското работење на СОЗР. Меѓу посочените забелешки се нефункционални финансиски контроли, проблематични вработувања, како и несоодветно управување со државен имот.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека за време на мандатот на Мирчевски, службата била, како што велат, „пренатрупана со партиски кадри“ без соодветно образование и потребни сертификати. Како пример се посочува податок дека во 2024 година биле исплатени околу 3,27 милиони денари за 21 привремено ангажирано лице, од кои дел, според тврдењата, извршувале редовни и раководни работни задачи.
Според партијата, ревизорите укажале дека ваквите позиции законски бараат високи стручни квалификации, а честите привремени ангажмани, кадровската флуктуација и недоволното вложување во обука претставуваат ризик за континуитетот и квалитетот на услугите.
Во соопштението се потсетува и на претходни информации дека Јавното обвинителство отворило предмет поврзан со поранешниот директор на СОЗР, при што се споменува наводно добивање автомобил од фирма која била добитник на јавни тендери.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека случајот со СОЗР е, како што велат, „пример за начинот на владеење на СДСМ“, обвинувајќи дека поранешни функционери работеле во личен и партиски интерес, наместо во интерес на граѓаните.