Македонија Животните приказни на Братислав Димитров

Изгубени Германци

Причини за поразот на пацерот има многу, но тој ги издвојува најсуштинските: столчето му се клати, го јаска забот горе лево тројка, публиката шушка со кесички од бонбони, а противникот носи кошула со дреч бои. Башка, „му поклонил” фигура, а овој (замисли) ја лапнал „ко поп сарма”. Заради ваквите плачковци измислена е славната српска поговорка: „Рѓавом к…. “ (Има врска со еден орган, влакна и „сметњи“). Причините за својот пораз мајсторот не ги бара никаде, освен во себе. Седнува и учи варијанти. Откако сериозно ќе се подготви, продолжува да игра со рамноправни или посилни противници од себе. 

Изгубени Германци

Во нашата бивша заедничка држава Југославија, често се употребуваше терминот „изгубен Германец“. Денес оваа метафора повторно е актуелна. Одма почнувам со темата за да не губам време, си имам работа.

Шаховски кажано, пацерот (аматерот) прво го мрднува потегот, а дури после размислува. Мајсторот прво размислува и после го мрднува потегот. Или, откако ќе увиди дека нема шанси за победа, не продолжува да игра, туку му честита на противникот. Пацерот е упорен и продолжува да игра „до гол крал”, малтретирајќи го противникот и околните кибицери. Откако сите ќе ги направи „жива вода” и ќе ја загуби шаховската партија, пацерот наместо да честита, длабоко го замразува противникот и му соопштува дека на среќа добил изгубена партија.

Причини за поразот на пацерот има многу, но тој ги издвојува најсуштинските: столчето му се клати, го јаска забот горе лево тројка, публиката шушка со кесички од бонбони, а противникот носи кошула со дреч бои. Башка, „му поклонил” фигура, а овој (замисли) ја лапнал „ко поп сарма”. Заради ваквите плачковци измислена е славната српска поговорка: „Рѓавом к…. “ (Има врска со еден орган, влакна и „сметњи“). Причините за својот пораз мајсторот не ги бара никаде, освен во себе. Седнува и учи варијанти. Откако сериозно ќе се подготви, продолжува да игра со рамноправни или посилни противници од себе.

Пацерот откако ќе загуби, насекаде бара послаби противници од себе за да го смири своето рането его, без кое не може ни носот да си го избрише. Жртвите ги наоѓа пред зграда, по паркови и пензионерски домови. Вооружен со садизам достоен и за маркизот Де Сад, пацерот им скратил барем по една пензија на своите противници пензионери и го зголемил профитот на локалното погребално претпријатие. Еве ја животната филозофија на еден врвен пацер: „Јас секогаш барам послаби противници од себе, кои ептен многу се нервираат кога ќе загубат. Тоа ми е послатко и од тулумба“.

За жал, освен во шахот, пацерите се помногубројни од мајсторите и во сите други области. Не сум среќен кога ги напуштам моите маалски љубовни приказни и пишувам за актуелни настани. Но изгледа дека мора да се пишува, затоа што пацерите немаат милост. Тие се ментално ѓубре кое го загадува нашиот духовен простор, а штетните последици се многубројни. Една од нив е и буквалното ѓубре. Старата парола „пролетери од сите земји – обединете се”, ја реформираа и сега гласи „пацери од сите страни – здружете се!”

Пред многу години, германската марка беше посилна од сите европски валути. Германците патуваа низ цела Европа и агресивно ја демонстрираа својата моќ. Ждереа, се пијанчеа, пееја и се дереа по кафеани и улици, патем купувајќи сè и сешто со надменост тешко издржлива и за најголемите мазохисти. Токму во таа нивна (овој пат) туристичка окупација, на еден ѕид во Лондон, го прочитав графитот: „Крајно време е некој на Германците да им соопшти дека ја загубиле Втората светска војна!“

Кој да им соопшти било што на нашиве „Германци“? Јас. Значи, драги наши „Германци“. За разлика од вистинските Германци, вие немате никаква причина за вашата дрскост, чалам и безобразлук. За да победите во фудбал (или што било) не може да чекате противничката екипа да си даде автогол. Мора да се растрчате по тоа ливадата, да запотите мишки и сè друго и постојано да шутирате на противничкиот гол! Плус, да не заборавите на својот гол да ставите голман, кој освен грип ќе фати и некоја топка. За жал, „изгубените Германци“ се многубројни и во обичниот народ, познат под научниот термин „проста маса”.

Ако работата го создала човекот, тогаш неработата го создала „господинот“. Затоа нивна омилена парола во социјализмот беше: „Не може никој толку малку да ме плаќа, колку што јас можам малку да работам”. Сметаат дека нив ниту една работа не ги заслужува. Правилно. „Подобро е да си богат и здрав,  затоа што кога си болен џабе ти е што си сиромашен“. За нив важи старата народна изрека: „Бара работа-моли Бога да не ја најде“. Докази? Колку сакаш. Еден од нив се пријавил во Заводот за вработување како роб на галија. И бидејќи такво работно место нема… Повеќето од нив за пет минути можат да состават влада и фудбалска репрезентација, истовремено. Нивна омилена реплика е : „Море јас да имам власт само 24 саати…“

Тие што не можеа да поднесат лаги, понижувања и предавства од секаков вид, масовно ја напуштија Северна, да ми извините на израз, Македонија.  Не се проблем тие што се иселија, проблем се тие што останаа. За нив важи апелот: Направете нешто за својата татковина – емигрирајте! Тука се и славните маалски филозофи кои не седат пред гранапче само заради пивото и газлестите комшивки, Боже ме прости. Цанко Курбла прв ја отвора дискусијата како врата од трезор: „Ако секој народ заслужува таква влада каква што има, кога ќе заслужиме воопшто да ја немаме?“. Ефто КГБ е чувствителен како стоногалка на вакви теми и веднаш упаѓа: „Слушај брат, чичо Ефто нешто да ти каже. Кога изборите би можеле нешто да променат, би ги укинале!“

И тука ме закачи параграфот на една сурова поговорка: „Некој пие од тага, некој од радост, а јас од сабајле“. Се разделив (како патецот на Добре) од дневната соба и излегов на балкон. На балон сум. Сам. Под услов да не се сметаат оние оси, муви, комарци и сите други гадинки кои не се информирани дека е прскано против нив. Ме теши само еден љубовен пар гугутки на околните ќерамиди. Секој што барем малку се разбира во вакви исповедни моменти, одобрува и прелет на чучулига преку ангелскиот божилак, за лирските потреби на овој текст. И додека палавото сонце ги тркала своите златни обравчиња по околните сртови, а темното срце на ноќта ги удира првите тактови по небесното индиго, јас заспивам како столетен даб во руски филм. Зошто не во американски? Таму многу се гине, а мене ми се живее.

Иако не сум академик, во важни моменти и мене ми се приспива. Потонав во маратонска дремка… После скоро една вечност ги отворив очите и што ќе видам? Сум се изгубил. Наместо на балкон, бев среде густа џунгла и почнав да зборувам германски!? Брзо ја вадам личната карта и читам. Не сум Германец. Само граѓанин.

За секој случај се штипнав под мишки. Добро е. Жив сум. Се чувствувам како десет другарчиња на излет!

To top