Ете, таа неказнивост уште од 1991 година, кога отиде во пепел дел од архивите на МВР, на Министерството за одбрана, на Министерството за екологија… нѐ доведе до овде. Да шири терор и страв, да нѐ загадува, да нѐ труе, да сака да нѐ протера од земјата што е наречена убавица на светот, папокот на светот, а некој да сака да нѐ исели од овде. Дали и ова е смислено, дали и ова е нечие сценарио? За кого е стокмена Македонија? Додека размислуваме за ова, да се потсетиме колку нови станови се градат (за кого, мајката, кога народот, кога децата ни се иселуваат, и тоа масовно), да се потсетиме дека неказнивоста или селективната правда е неправда и оти со таков однос на системот се отвораат портите кон пеколот. И да, Македонија гори, а обвинителството се чешла, пишува Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Огнот е нашиот излез од темнината. Огнот е привилегија на домот – топлина и љубов. Огнот е страст, ритуал, метафора, приближување до Господ. Палиме огнови на Прочка за да го истераме злото околу нас, гориме прачки по кастрење на овошките за да биде годината плодна. Треба да знаеш како со огнот и да имаш почит кон пламенот.
Доколку ги немаш тоа чувство и таа мерка, исчезнуваш во чадот. Затоа, деца не си играат со оган!
Има магија во огнот, во пламенот, тоа е потврдено. Кога огнот ќе изгасне, во пепелта светкаат искрички како ѕвезди на ноќното небо. Тоа е магија, еден вид спојување со вселената каде што припаѓаме, каде што сме мали, едвај видливи. Но, некој со огнот сака да стане голем, да биде видлив, да ја покаже својата моќ. Како Наполеон, кој, сепак, не успеал да слави влегувајќи во Москва по битката кај Бородино на 14 септември 1812 година, затоа што Русите самите ја запалиле Москва, за таа да не биде дадена како воен плен. Потоа следува еден од најголемите воени порази, а ќе го забележат Наполеон и неговите мултинационални воени сили. Пиколомини во 17 век ќе го запали Скопје до темел. Кој сака да си игра Пиколомини четири века по Пиколомини? Мојот одговор е – многумина. Многумина би го сакале Скопје како плен. Скопје, градот на седумте порти, ги посакуваат седумте клуча за царските порти, за сите седум влеза во оваа некогаш славна империјална и епископална метропола.
Скопје е подолго главен град на Македонската Империја отколку Цариград (Константинопол). Во градот што сега ни го палат се крунисувале цареви и кралеви, а потегот од денешното Кале до шумичката на Гази Баба имал неброени цркви. Јустинијан го воздигнал градот на ниво на велелепна светска метропола, која се надградила врз темелите на претходните градски темели еднаш целосно разурнати од катаклизмичен земјотрес. Тоа што денес врз тие славни градби плански градени повеќе од 6.000 години никнале ѓубришта и отпади е само доказ дека малку сме залутале во историјата, едноставно сме се изгубиле во новото време, сме изгубиле контакт со самите себе и со нашата историја и сме се залетале по новото, притоа губејќи секаква смисла за убавото, за естетиката, за она што било урнек на нашиот град насекаде во стариот свет.
Кој го пали Скопје, кој ја пали државата? Кој сака да ја запали и спали Македонија? Еве еден пример од Сиднеј, Австралија. Таму прочитав нешто за мене шокантно – постол еден систематски процес на „труење на дрвјата“, и тоа само во одредени региони на тој мегалополис. По детални истраги било утврдено дека зад тоа труење со хемиски препарати на огромни ендемски еукалиптуси стоела некојаси урбана мафија чија цел е да се уништат дрвјата за тие да можат да кренат згради. Дали можеме да направиме некаква паралела со Скопје? Не кршете си ја главата, секако дека можеме, па тоа јавно се зборува. Изгоре објектот на поранешен Урбанизам, каде што се чуваа макети од Скопје, но и архивски документи за архитектурата и просторното планирање на Скопје, но сето тоа изгоре во страста на некое „пиколоминче“ да ништи и ништејќи да ги полни џебовите. Бабите викаа „да му се најдат за оној свет“. И никна „уште поубав Дубровник“ на местото каде што беше Заводот за урбанизам и малку се зголеми габаритот со нешто што на градот апсолутно не му беше потребно. Не знам што покажа истрагата за тој пожар. Не знам што покажа истрагата за пожарот во некогашна „Треска“ и за многу други. Изгоре и една штала кај железничката станица во Ѓорче Петров, изгореа човек и неговите крави. Што докажа истрагата? Некако тешко се докажувале пожари?! Изгоре и скелетот на Универзална сала, кутрата само што почна да се обновува, да ја токмат како едно бисерче за проектот „Скопје, културна престолнина на Европа 2028“. Ќе остане запаметена реченицата на командирот на Пожарната – не стигнавме навреме оти имаше многу непрописно паркирани возила! И ден-денес има многу непрописно паркирани, па по некоја аналогија можеме да заклучиме дека е можно трагично повторување на настаните. Кој е надлежен за тој проблем? Јас немам поим, мислам дека нема надлежни, туку само понекој пајак селективно собира непрописно паркирани, но тоа е во зона до Рузвелтова, по неа кон Влае и Ѓорче абер немаат. Карпош не личи на Карпош. Жално!
Да, да, се палеа и автомобили, а во Пинтија и автосервис. Снимен на камера, а истрагата трага по сторителот. Браво. Интересен е почетокот на овие палежи, на ова бришење на трагите, на историските патеки на една држава што од самиот старт на осамостојувањето имаше еден куп диверзии и диверзанти. На пример познат е случајот со палење на архивите на МВР наводно од страв дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт. Кој го расчисти тоа? Никој. А ВМРО, сепак, дојде на власт. Какви архиви отидоа во пепелта? Зарем е важно тоа? Било па поминало. Изгорена е документација во Министерството за одбрана, чинам дека тогаш беше министер професорот Бучковски. Сомнителен настан. Изгоре архива во Министерството за екологија.
Сомнителен акт. И еве ја дотуркавме некако во 2025 година да го палат Скопје, да има пожари во две третини од територијата на Македонија. Јавно се кажува дека најголемиот дел од пожарите се подметнати. Во ред, има приведени, има истраги.
Чекаме! А што со пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што имаше жртви, каде што изгореа тешко заболени пациенти, болни на кислородна поддршка што пламнаа, а нивните семејства ја чекаат правдата. „Пулс“, 62 жртви и многу повредени. Обемна истрага, и за тој случај ја чекаме правдата. Трубарево – изгоре депонија во која се оставале електронски отпад и литиумски батерии сретсело, до училиште (море, улав народ!). Гори Дрисла, гореше Јасен, кај Дојранско Езеро… Гори Македонија, а обвинителството се чешла! Дали ни се случува ова? Дали на крајот „палејќи ги јорганите за да се отепаат болвите“ ќе изгори во ова непостапување и самото обвинителство?
Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА
