Македонија колумна

Ивановски: Кај најде Могерини да сади тикви со нашиот Ес-де-ес

Велат поранешната ѕвезда на Брисел, Федерика Могерини, била вмешана во корупција. Ништо чудно, па во лавиринтите на Брисел врие од корупција, врие од нафатирани лобисти што нудат милиончиња. Се сеќавате ли кога Могерини се развесели на последната македонска крвава свадба во Нивици, како да беше кумата на тој преспански пир, каде што македонската нација со неколку потписи и коруптивни договори се стави во ковчег. Некои нешта не се забораваат и не се простуваат

Дали да му веруваме на Европскиот совет, кој сега ни мава клоци и шлаканици на еден брутален и вулгарен начин, дека само Уставот треба да го смениме и почнуваме преговори? Не! По сите игри и притисоци, измислени услови и применети двојни стандарди, не смееме да испаднеме наивни, па да нѐ сметаат за глупи. Уставот е наша национална работа, домашен есап

Ивановски: Кај најде Могерини да сади тикви со нашиот Ес-де-ес

Некои веќе коментираат дека Федерика Могерини, некогаш крупна риба во бриселската хиерархија, ја фатила македонска клетва за притисокот за промената на името. Сега таа е фатена со рацете во медот. Обвинета е за корупција и е под истрага за некои не баш мрсни 600.000 евра. Во светот на корупцијата ова се ситни пари, но ако си фатен во злоупотреба ќе те фати и параграфот, пишува Христо Ивановски за НОВА МАКЕДОНИЈА. Можеби Могерини е невина, ќе видиме што ќе каже истрагата. Могерини и не е ни прва, а нема да биде ни последна што е во коруптивен скандал. Брисел има досие за корупција, како што беше тоа случајот со Европската комисија предводена од Жак Делор пред повеќе од 20 години. Ревизијата тогаш им откри ненаменски и непокриени трошоци, а еврокомесарите се поставија над ревизорите и не сакаа да соработуваат. Крајот беше изнудена оставка на комплетниот состав на ЕК, но и недоволно расчистен случај. Понекогаш Брисел не игра според правилата. Запомнете ја оваа реченица, важна е за Македонија!

Да, Могерини во врвот на славата како комесарка за надворешна политика во разговори со македонските претставници се однесуваше како ние да сме некое изгубено племе некаде од Амазонија што нема поим што е политика, што е демократски процес, што е устав и што значи промена на име. Не, не, не, тоа нема врска со идентитетот, така ни велеа. Рековме, не сме изгубено амазонско племе. А дека имаме корумпирани политичари што ќе садат тикви со такви како Могерини, Хан, Калас, Фон дер Лајен, кај што не треба, е тоа имаме. Могерини не е само причина туку е и последица на една политика на неказнивост и корупција што цвета низ лавиринтите на Брисел, па и на Стразбур. За ОБСЕ/ОДИХР уста не ми се отвора, оти е ужас. Кога го истакнуваме тоа во колумна, не значи дека ние сега се ситиме, но не заборавајте, теглата со мед во Брисел е вредна околу еден трилион евра. Толку е тежок буџетот, тоа е планина од пари. А каде се парите за вооружувањето, кое е во тек, за градење наменска индустрија, за воена логистика… Затоа постои една невладина организација што се вика Антикорпоративна опсерваторија, која меѓу другото ги следи и активностите на лоби-групите во Брисел. Тие точно знаат од каде дува ветерот, но немаат инструменти за да бидат опасни, па се само куче што лае по некој натрапник. Некогаш е тоа тутунска компанија (познат е случајот „Далигејт“, кој поранешниот шеф на ЕК, Баросо, го стави под тепих), некогаш се тоа вакцини (Фон дер Лајен е под радар), некогаш ГМО, пестициди… и сето тоа се компании што ќе подмачкаат во Брисел, за да не им чкрипат вратите и фотелјите и за да врви зелката!

Пари никогаш немало доволно за апетитите на многу функционери или бирократи, а сега во ЕУ ќе има вистинска тепачка како на Русите да им здиплат 180 милијарди долари замрзнати средства, кои се наоѓаат под перница во некоја белгиска фирма наречена Евроклир и која мора да ги гарантира парите… Ќе биде жешко зимава.

Инаку, „Македонски манифест“ уште во 2017 година побара Могерини да биде прогласена за персона нон грата во Македонија. Тоа се вика далековидост! Но и покрај тоа, таа беше сведок на последната македонска крвава свадба во Нивици, каде што се потпиша Преспанскиот договор. Ние помниме, а понекогаш и не простуваме. Злосторството врз еден народ е тежок криминал, а според ООН, тој е дефиниран како геноцид.
Зошто велиме дека треба да се запомни реченицата дека Брисел не игра секогаш по правилата што самиот ги напишал, туку знае и да заигра валкано, затоа што нема шанса самиот себе да се казнува. Ќе потсетам на еден извештај на ЕК за да ги видите перфидноста и валканоста на тие што ги прават извештаите, кои се калибрираат и четкаат со бои по потреба во зависност од тоа кој е на власт во Македонија, дали СДСМ, јали ВМРО-ДПМНЕ. Во тој извештај стои: „Консултативен референдум беше спроведен на 30 септември 2018 г. Од 36,9 проценти од тие што гласаа, 91,5 процент дадоа поддршка за членството во ЕУ и во НАТО, прифаќајќи го Преспанскиот договор“. Притоа се додава, бојаџијата тука максимално ги користи четките, дека дури и од ОБСЕ/ОДИХР оцениле дека референдумот бил спроведен добро без поголеми проблеми.
Во извештајот ни збор не се кажа дека на референдумот не беше постигнат потребниот цензус од 50 проценти плус еден, нешто што ОБСЕ го нотираше. Тимот на еврокомесарот Хан, заедно со нашите што помагале во подготовката на обемниот извештај, решил за тоа прашање да стави розови очила. Не се цитира ниту ДИК, која кажа дека референдумот не беше успешен. Сето ова е фалсификат, и тоа груб, намерен, само за да се избутка промената на името. Па, ние сме биле практично киднапирани во НАТО! Чекајте, ние сакавме во НАТО, ама не со сменето име. Македонските избирачи кажале јасно и убедливо дека тие не се согласуваат со договорот со Грција, кој е услов да влеземе во Алијансата. Ова нека остане запаметено – македонскиот народ и покрај сите притисоци, трговии, политички игри и местења, закани… кажа не за промена на името. Тоа е големината и величината на Македонците. И уште еднаш да повториме за да не се заборави – ние не знаеме што е тоа консултативен референдум, го нема тоа во нашето законодавство. Од која лабораторија (кокошарник) излезе тоа сматок-јајце? И тоа знаеме. За сѐ има докази и тие се повеќе од сомнеж.

Можеме да им одржиме лекција по демократија на Европејците. Ќе потсетам само на АСНОМ и асномските одлуки. Демократија. Референдумот од 1991 г. за независност. Лекција по демократија. Референдумот од 2018 г., показна вежба за волјата на еден народ, а тоа се вика демократија. Нека не се чудат за овој демократски инстинкт на македонскиот народ, затоа што тој го влече тоа од своето историско искуство од антиката, па до денес.

Поучени од ова европско искуство, во кое сме ставени во една чекалница честопати и без греење, затоа што очигледно Брисел не сака да покаже емпатија кон една нација на југот, намерно не го спомнувам името Македонци, оти тие не го сакаат, ние сме не само скептични туку воопшто не им веруваме дека тие се сериозни кога преку Европскиот совет ни порачуваат дека само уште Уставот треба да го смениме и почнуваме преговори за членство, немало да има дополнителни услови. Ете јас не им верувам, а верувам и многу други. Не заслужија доверба. Напротив, ние требаше да бидеме наградени за сите отстапки, дури и непримерни, кои ги направивме, а сега во Брисел добиваме и клоци и шлаканици, наместо да ги применат Копенхашките критериуми. Нас нѐ оценуваат полошо и од Украина. Замислете. Украина е во војна, со воена состојба, со многу сериозни проблеми, а еве сега е на тапет и за корупција, и тоа од главата на државата па надолу, а они биле подобри од нас. Со кој аршин ги мерат успесите?! И Молдавија била подобра. Сите биле подобри, само Македонија не чинела. Па до толку ли, до тука ли дојдовме?

А резултатот од Преспанскиот договор е поделена македонска нација. Пејоративната поделба на „северџани“ и на Македонци е само дел од разрушеното национално ткиво и тоа треба да се гледа и како безбедносен проблем. Преспа за нас е болен пораз, а не фер компромис. Нѐ поделија и нѐ осакатија и нѐ одвоија од нашите роднини во Егејот (Грција). Атина само ја крена рампата за да влеземе во НАТО, а видовме на кој начин беше изведена таа политичка операција. Со Бугарија имаме Договор за соработка и добрососедство, а сега и како народи очи не сакаме да си видиме. Зошто? Кој го направи тоа? Кој разгорува омраза и зошто?

Понудата на Брисел сменете го Уставот и толку, а знаеме дека не е толку, зашто апла ни велат дека е неизвесна нова меѓувладина конференција (зошто???), е данајска понуда што не смее да се прифати. Не. Ќе го смениме Уставот кога ќе му дојде време, кога ние ќе созрееме дома за такво нешто и ќе го смениме така како што ние сакаме и сметаме дека треба да биде.
А, да, бараме гаранции. Брисел не дава гаранции, а кога ги дава не ги почитува. Брисел, како и НАТО, давал само усни гаранции, на писмено немаат пракса да даваат. Јасно е нели. Можеби нема да нѐ остават во чекалницата, заради геополитиката (не знаат кој е сега поголема опасност Русија или Кина?!) и ќе нѐ бутнат во некој зарибан автобус, кој ќе го вози некоја наша јадна компанија што завршува со наставката „турс“ или „транс“. Јас сум повеќе за рок отколку за транс, ама кој ме прашува мене.

П.С. Работите дополнително се усложнети со евроинтеграциите. Македонија речиси и да нема опозиција. СДСМ од раскол се движи кон распад, а ќе видиме по конгресот кон каде ќе оди ДУИ. Лидерот Венко Филипче вели дека тоа е цената што ја платиле и ја плаќаат за потезите што ги повлекле претходно. Не е цената платена, тоа е само ситнеж, оти тоа што го распродадоа нема цена, а не само што им врвеше муртинската зелка туку се товареја и бисагите. Ќе почнат да ја откупуваат вината кога ќе се вратат на национални и државни позиции, кога ќе се вратат на политиката на нашите основачи на современа Македонија, да му се поклонат на македонскиот пиемонт на знајни и незнајни херои, кои ги дадоа своите животи, знаење и верба за Македонија да има своја држава. Јас мислам дека од ова појасно здравје.

Најнови вести од Македонија

To top