Исполнет е цензусот за избор на претседател на денешниот втор круг претседателски избори, покажуваат податоците на ДИК за излезноста до 18:30 часот.
Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски вечерва изјави дека според податоците пристигнати половина час пред затворањето на гласачките емста, одѕивот на изборите за шеф на државата бил 46,34 проценти.
Споредбено со вториот куг од претседателските избори во 2019 година, има зголемување на излезеноста од 1,84 проценти.
За претседател во вториот круг на гласање ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, како што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.
Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија денеска можеа да гласаат на вториот круг од седмите претседателски и на 11-те парламентарни избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Гласачките места беа отворени од 7:00 до 19:00 часот. Право на глас на денешните избори за шеф на државата имаа 1.814.317 граѓани запишани во избирачкиот список.
Исовремено со вториот круг претседателските, денеска се одржаа и 11-те парламентрани избори.
Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори ги доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.
ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.