Познатиот граѓански активист и интелектуалец Гордан Георгиев испрати силна порака до јавноста по трагедијата во Кочани, повикувајќи на длабока лична и колективна реформа. Во својата објава, Георгиев истакнува дека жалоста не смее да остане само емоција – туку мора да стане поттик за системска промена.
„Мртвите нема да ги вратиме, но дали тие ќе не’ вратат во живот?“, прашува Георгиев, повикувајќи секој граѓанин да ги затвори сопствените „дуќанчиња“ – метафора за клиентелизам, врски, лични интереси и идеолошки капсулирања што ја разградуваат државата одвнатре.
Тој изразува уверување дека Владата е потресена и свесна за тежината на моментот – и затоа мора со целосна посветеност да ја поведе промената. Во исто време, Георгиев гледа на воздржаноста на опозицијата како позитивен сигнал и повикува на одговорно државничко однесување од сите страни, со еден централен влог – самото опстојување на општеството.
„Немаме second best“, предупредува тој. Затоа, граѓаните треба будно да ја следат власта, но и да дадат поддршка сè додека постои волја и искреност. Протестот, додава Георгиев, треба да остане присутен – како „ентелехија“, постојано бдеење над правдата, а не повод за селективна или етничка пресметка.
Со овој текст, Георгиев успева да ја отвори суштинската дилема: дали конечно ќе покажеме зрелост како општество, или повторно ќе потонеме во циничен круг на пасивност и политичка злоупотреба.