Македонија

Гласање, броење, резултати, жалби

Гласање, броење, резултати, жалби

На 3.480 избирачки места во земјава денеска во вториот круг од седмите претседателски избори можат да гласаат 1.814.317, а на 11-те парламентарни избори 1.815.350 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Кој може да гласа?

Право на глас има секое лице кое е запишано во изводот од избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош, односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година.

Гласањето се врши лично.

По доаѓањето на избирачкото место на граѓанинот најнапред му се проверуваат документите за лична идентификација, и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список. Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.

Освен важечка лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат документи како возачка дозвола, здравствена книшка, ученичка и студентска легитимација и друго.

Според упатствата на Државната изборна комисија (ДИК), при утврдување на личниот идентитет, гласачот е должен пред избирачкиот одбор да се претстави на начин на кој е претставен на фотографијата на документот за лична идентификација. Претставниците на подносителите на листите и акредитираните набљудувачи можат од непосредна близина да го следат утврдувањето на идентитетот на избирачот.

Доколку утврдат дека избирачот го нема во изводите од Избирачкиот список, членовите на ИО се должни да го упатат во надлежното подрачно одделение на ДИК и да ја посетат интернет-страницата https://izbirackispsiok.gov.mk/ за да се провери дали тој е запишан во избирачкиот список и доколку е во кое избирачко место може да гласа.

Ако избирачот кој се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од избирачкиот список.

Не смее да гласа избирач кој ќе одбие да се потпише во избирачкиот список

Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување на редниот број пред кандидатот, и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Доколку гласачот погреши, нема да добие друго гласачко ливче. Превитканото гласачко ливче се става во гласачка кутија. Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.

Зад еден гласачки параван е дозволено да има еден гласач, освен во случај кога на гласачот му е потребна помош. Лицата со физички недостаток и неписмените, според Изборниот законик, имаат право со себе да повикаат лице кое ќе им помогне при гласањето.

Семејно и групно гласање и гласање во име на друг е забрането

Нарушувањето на тајноста на гласањето е кривично дело. Со Уставот се гарантира правото на тајност на гласачите. Забрането е семејно и групно гласање и гласање во име на друг. Членовите на избирачките одбори се должни да ги спречат евентуалните обиди за нарушување на тајноста на гласањето. Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг значат кршење на избирачкото право, претставуваат основа за нарушување на тајноста на гласањето и може да доведат до поништување на изборите.

Член на изборен орган кој работи спротивно на одредбите на Изборниот законик може да заработи прекршочна пријава и глоба во износ од илјада до три илјади евра во денарска противвредност. Глоба во износ од 750 до 2.250 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на физичко лице кое гласа за повеќе лица или гласа во име на друг.

Гласањето завршува во 19:00 часот

Гласачкото место се затвора во 19 часот, а на лицата кои се затекнале во објектот ќе им се овозможи да гласаат.

Прекин на гласање може да има доколку на гласачкото место се наруши редот сè додека тој не се воспостави, во случај на временски непогоди и други вонредни околности, ако приодот до гласачкото место не го обезбедува полиција, а за тоа имало потреба, и доколку полицијата е повикана и не се одѕвала на повикот.

Доколку гласањето биде прекинато пократко од еден час тоа не продолжува по 19 часот, но ако е прекинато подолго од три часа не продолжува истиот ден.

Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче. Избирачкиот одбор може да го отстрани од гласачкото место секое лице кое не се придружува кон оваа забрана.

На избирачкото место никој не смее да дојде вооружен, освен припадници на полицијата. Полицајците можат да влезат на гласачкото место само во случај кога се повикани од избирачкиот одбор и кога ќе забележат сериозно нарушување на редот и мирот.

Броење на гласовите

Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записници и ги предава на ДИК.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Жалби

Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Секој избирач кому му е повредено избирачкото право во постапка на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа. ДИК е должна во рок од четири часа по приемот да донесе одлука.

Против одлуката на ДИК гласачот може во рок од 24 часа по приемот да поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија, кој, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение го поништува гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.

Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.

Доколку во првиот круг не биде избран ниту еден кандидат, вториот круг избори се одржува за 14 дена, во случајот на 8 мај.

To top