Во секој систем, вклучувајќи го и нашиот има пропусти. После ова трагична случка, која што не погоди сериозно сите во нашата држава е дефакто дека од тие пропусти сме доведени во ситуација да ни се случат вакви трагични настани, изјави вечерва во своето гостување во „Топ тема“ на Телма телевизија градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вели дека ваквите пропусти не се од вчера и дека истите се таложеле со децении наназад.
-Тие пропусти, не се од вчера, не се од денес. Тие пропусти се повеќе од 30 и повеќе години. Можеби се недостатоци и недоволна внесеност во сите постапки и индивидуално залагање на поединецот кој што во даден момент бил на челна позиција на одредена институција, вклучувајќи тука и локална самоупрама и градоначалник, вклучувајќи и бивши премиери на државата, бивши министри за транспорт и врски, вклучувајќи инспекторати разно-разни и т.н, рече Ѓорѓиевски.
Потребен е винстински ресет во државата и во тој ресет да учествуваат сите, смета Ѓорѓиевски.
-Што значи се оставило доволно простор за изигрување на законите сите овие години наназад. Она што треба да го направиме ние во наредниот период, јас одговорно тврдам во делот на моето постапување изминативе три години, дека секогаш доследно сите постапки се водени, не земајќи во предвид, еве едно обично одобрение за градба треба да добиете согласност од сите релевантни институции. Многу институции го користат доколку не добијат во рок од 15 дена, моментот на молчење на администрација па го земаат како позитивно. Во мојата општина сум забранил лично, да се практикува. Тој момент на изигрување на постапките, на законот бил тргнат на страна, односно не се дозволило да се движиме во таа траекторија. Нас ни треба винстински ресет во државата и во тој ресет треба сите заеднички да учествуваме, смета градоначалникот Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека факултетите што обучуваат кадри во областа на урбанизмот и градежништвото мора да имаат активно учество во процесите што ги спроведуваат локалните и централните институции. Тој исто така предупреди дека не може да се носат и спроведуваат урбанистички решенија без вклучување на професионалците кои ја создаваат стручната фела.
-Не може да има процеси во државата кои што ќе се спроведуваат така. дали е тоа од локалната самоуправа дали од централната власт дали од било која институија, без тие луѓе кои што практично ги создаваат кадрите кои што треба да издаваат одобрение и се останато да не бидат вклучени. Имаме многу што да поправаме во системот, но дојдено е времето кога мораме да го ресетираме целиот систем, додаде Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласи дека иако системот има сериозни недостатоци, неопходно е темелно реструктурирање на институциите и процедурите. Тој оцени дека процесот ќе биде сложен, но неизбежен, со цел да се воспостави по функционална и одговорна администрација.
-Многу тежок процес е, речиси неостварлив би бил да сето она што го работеле тие во минатото би се проверило во наредниот период. Не велам дека не треба да се провери, особено ако станува збор за објекти од јавен карактер, како градинки, како училишта како културни домови, спортски сали итн. Но, дека лесно ќе се заврши тој процес и дека ќе биде од денес за утре, не верувам лично во тоа, објективно гледано, нагласи Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски предупреди дека постојниот систем се базира на дискреционо право на инспекторите, наместо на законски дефинирани рокови за постапување. Тој потенцираше дека е потребна законска промена што ќе наложи задолжителни инспекциски контроли, особено за објектите од јавен интерес како градинки, училишта и спортски сали.
-Кај нас она што недостасува, според мене, е промени во законот во делот да секој законски мора да постапува во одреден период. Тоа се донесува и на инспекциските служби. Сега е за жал оставено на добрата волја на инспекторот. Кој со кого се познава, и кој колку побрзо може да добие одредена потврда одобрение итн. Многу често се дискутира околу тоа изминатиов период, дали требало да се случи ваква ситуација за да излеземе ние во вондредни контроли, во сите објекти од јавен карактер, додаде Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека во општина Кисела Вода, инспекциските контроли во основните училишта се спроведуваат еднаш годишно, но исто така предупреди дека во останатите општини тоа зависи од индивидуалната одговорност на функционерите. Тој додаде дека безбедноста на јавните објекти не смее да зависи од добра волја, туку од системски дефинирани обврски.
-Откако сум јас градоначалник, еднаш во годината се прават во сите објекти, но мораме тоа облигаторно да го направиме, односно да биде обврска на секого. Тоа зависи од индивидуалниот капацитет на носителот на функција. Без разлика што сум претседател на ЗЕЛС, сум и градоначалник, имам одговорност за најмладите кои што учат во училиштата и во градинките, потенцираше Ѓорѓиевски.