Македонија

Гир: Во изборниот период важно е медиумските актери да известуваат на отворен и непристрасен начин

Гир: Во изборниот период важно е медиумските актери да известуваат на отворен и непристрасен начин

Во изборниот период важно е сите медиумски актери да известуваат на отворен и непристрасен начин, со цел на јавноста да и бидат достапни точни информации. Кандидатите на политичките партии треба да бидат презентирани на јасен начин и да има отворена дебата. Дезинформациите, лажните вести и другите форми на манипулација да бидат решени на брз и законски начин, порача евроамбасадорот Дејвид Гир.

Тој на денешниот промотивен настан „Важноста на функционирањето на Јавниот радиодифузен сервис за демократијата во Европа“ што се одржа во Скопје, посочи дека постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинска важност за секоја демократија.

Настанот е дел од Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот сервис“ финансиран од ЕУ, кој го спроведува Германската фондација за меѓународна правна соработка во партнерство со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавниот сервис.

-Целта на денешниот настан е зајакнување на јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Ова се поклопува со препораките што се содржани во Извештајот за Северна Македонија за 2023 година од страна на Европската Комисија, во кој беше наведено дека се потребни дополнителни мерки за зајакнување на финансиската стабилност и независност како на медиумскиот регулатор, така и на јавниот радиодифузен сервис, рече Гир.

Истовремено, како што посочи, во Извештајот се упатуваат и критики за неизвесноста на развојот на овие две институции како резултат на привремени мерки кои се усвојуваат од година за година, а оваа ситуација продолжува и во 2024 година.

-Постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинска важност за секоја демократија. Потребно е обезбедување отчетност, посочување на погрешно постапување и информирање со точни и навремени информации на јавноста. Ова особено важи за јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор, кои постојат во медиумска средина која денес брзо се менува. Постојат разни закани денес, кои се незамисливи за луѓето од пред една генерација. Ова се должи на интернетот и социјалните медиуми, како и на новите технологии, додаде Гир.

Евроамбасадорот посочи дека денешниот настан е само дел од поддршката која што ЕУ ја обезбедува за медиумскиот сектор. Како што подвлече, помош се доделува и во однос на усогласување на регулаторната рамка за медиумите, согласно стандардите на ЕУ.

-ЕУ обезбедува и поддржува организирање на обуки, разни студиски посети за новинари и уредници. Северна Македонија е во изборна година, и особено важно е сите медиумски актери да известуваат за изборите на отворен, непристрасен начин, со цел точни информации да бидат достапни на јавноста, додаде Гир.

Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер во своето обраќање на денешниот настан посочи дека јавното информирање игра голема улога за демократијата во едно општество.

-Демократијата и новинарството се надополнуваат едни со други. Денес можеме да кажеме дека имаме добро новинарство, но и соочување со големи предизвици. Младите луѓе денес се информираат од социјалните мрежи, кои најчесто не нудат квалитетни информации, а сепак го занемаруваат јавниот радидифузен сервис. Потребно е да има повеќе дебати околу важноста и значењето на јавниот сервис. Јавниот сервис исто така така треба да се прилагодува на постојаните промени кои се случуваат во современото општество, рече Дрекслер.

Таа посочи дека слободата на известување ја зацврстува демократијата во општеството. Дрекслер исто така го потврди ставот на Гир дека за време на изборната година во Северна Македонија, одговорноста на медиумите е многу поголема.

Таа додаде дека медиумите треба точно да известуваат, врз основа на проверка на факти, да пласираат веродостојни и релевантни информации до јавноста. Медиумите, како што рече, треба да придонесуваат кон зацврстување на демократијата во текот на изборниот процес.

To top