Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на свечената седница по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порача дека вистинската демократија се мери и преку родовата застапеност и почитувањето на правата на жените, оценувајќи дека и покрај напредокот, општеството сè уште се соочува со предизвици како семејното насилство, економските нееднаквости и дискриминацијата на пазарот на труд.
Во своето обраќање, Гаши истакна дека историјата на човештвото не може да се напише без придонесот на жените, кои, како што рече, се темел на семејството, инспирација за културата и важен глас во општеството.
„Овој ден е потсетник на долгото патување на жените кон нивната заслужена улога во општеството, на извојуваните битки и на оние што сè уште чекаат да бидат добиени“, рече претседателот на Собранието.
Тој нагласи дека прашањето за женските права не треба да се сведува само на поимот родова еднаквост, туку и на поширокото прашање за квалитетот на демократијата и институционалната правда.
Гаши посочи дека изборот на жена за претседател на државата претставува силна порака дека највисоките функции во државата се достижни за жените, оценувајќи дека тоа е значаен чекор во развојот на општеството.
Во обраќањето тој им се заблагодари на пратеничките во Собранието, истакнувајќи дека нивната улога не е само формално исполнување на квоти, туку активно учество во креирањето политики и збогатување на парламентарната дебата.
Посебна благодарност упати и до жените вработени во собраниската служба, наведувајќи дека околу 65 проценти од вработените во институцијата се жени, кои, како што рече, секојдневно придонесуваат за професионално функционирање на парламентот.
Гаши оцени дека државата направила значајни чекори во унапредувањето на правната рамка за заштита и еманципација на жените, но предупреди дека реалноста и понатаму покажува сериозни проблеми, меѓу кои семејното насилство, економските нееднаквости и културните предрасуди.
„Овие проблеми не се решаваат само со закони, туку бараат подлабоко образование, поголема свест и колективна одговорност – во семејството, училиштето и во начинот на кој ги воспитуваме нашите деца“, рече тој.
Во говорот, претседателот на Собранието порача дека жените треба да продолжат да го креваат својот глас и да ги следат своите аспирации без страв, додека мажите, како што нагласи, треба да бидат сојузници во борбата за почитување и еднаквост.
„Кога една жена се образува, работи и води, никој не губи – добива семејството, државата и општеството“, истакна Гаши.
На крајот од обраќањето тој упати порака дека општеството кое се залага за своите жени се издига до висината на своите вредности и ги повика присутните да оддадат почит на жените како „извор на животот, сила на семејството и благородност на општеството“.