Македонија

ФЗО одбележа 25 години од основањето

ФЗО одбележа 25 години од основањето

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска одбележа 25 години од основањето. Генералниот директор на Фондот, Сашо Клековски во својата презентација истакна дека ФЗО има 1.840.000 осигуреници, од кои 1.200.000 се носители на здравственото осигурување.

Буџетот на Фондот е 53 милијарди денари, а за здравствено осигурување се плаќа 3.000 денари месечно. Ваквото вложување, како што кажа, е доволно и е на ниво на средноразвиени земји.

Во своето обраќање Клековски изнесе низа статистички податоци за тоа колку се вложува во јавното здравство и колку услуги испорачуваат здравствените работници, колку лекови се на позитивната листа, колку лица се лекуваат во странство итн.

– Овој здравствен систем испорачува. Да, има недостатоци, ама испорачува. Дваесет и пет години на раст, но и на грешки од кои се обидуваме да учиме и да не повторуваме. Презентираме што е направено во овие 25 години, кој обем и квалитет на работа го поддржуваме, затоа што се уште Македонија е во одредени параметри понапред од регионот и од соседните земји. Сметам дека презентацијата е неопходна за балансиран увид во работата на Фондот, нагласи Клековски.

Тој зборуваше и за тоа што треба да се направи во иднина за подобрување на здравствените услуги за граѓаните, како реорганизација и регионализација на здравствениот систем.

Директорот на ФЗО, Бранко Аџигогов рече дека со таа институција раководеле 22 директори. Посочи дека изминатиот период иако бил особено турбулентен, не се штеделе за полека да го вратат Фондот на своите славни денови.

– Да, има многу работа и ќе има многу работа за да се реализираат идните проекти, додаде Аџигогов.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски рече дека Фондот во минатото имаше сериозно разнишан кредибилитет, граѓаните гледаа директори со пари, непресметани расходи, нетранспарентни одлуки и систем кој повеќе личеше на поле за лични привилегии отколку на сервис на граѓаните и тоа создаде недоверба, сомнеж и разочарување.

– Но, денес тоа не е случај. Денес ФЗО функционира со јасни правила, силни механизми на контрола, со транспарентно управување и со ревидирани процедури. Денес ФЗО е институција која го врати својот интегритет на единствениот начин на кој тоа е можно – со работа, со ред, со дисциплина и со јасна одговорност. Сашо Клековски заврши одлична работа. Кога ја презедовме одговорноста за државата, затекнавме здравствен систем во целосна деградација: со дефицит на кадар, со нефункционални установи, недоволна опрема, долги листи на чекање и сериозно нарушена доверба кај пациентите. Наместо тоа да биде изговор, ние го претворивме во мотив. Во изминатата година и половина Владата покажа што значи вистинска посветеност кон јавното здравство. Од првиот ден тргнавме со јасна цел: да го обновиме, модернизираме и хуманизираме здравствениот систем, рече Мицкоски.

Во инфраструктурата, посочи премиерот, започнавме нов бран инвестиции: од новата амбуланта во Петровец, до реконструкцијата и модернизацијата на операциските сали во ГОБ „8 Септември“, како и низа реконструкции и технолошки обнови во болници низ државата. Ова, потенцира, не се само градби – ова се домови на здравјето, места каде секој граѓанин има право на достоинствен и современ третман.

– Но, објектите без здравствени работници се само празни објекти. Затоа ја водиме најсилната кадровска политика во последната деценија. Во изминатиот период 1.500 договорци добија можност да преминат на сигурни работни места. Имаме 600 нови специјализанти, од кои 300 веќе се вработени. И потпишавме долгорочен договор за раст на платите во јавното здравство секоја година до 2028 година. Ова не е трошок – ова е инвестиција во срцето на здравството, во луѓето. Дополнително, Владата обезбеди историски најголем буџет за ФЗО до сега – 53 милијарди денари. Тоа овозможи 33 отсто зголемување на капитацијата за општите лекари и гинеколозите, 23 отсто зголемување за стоматолозите, 17 отсто кумулативен раст на платите во јавното здравство од кои 9,5 отсто е реален раст, и 107 отсто зголемување на условениот надоместок за нови иновативни лекови, рече Мицкоски.

Според него, ова не се бројки на хартија, ова се бројки што ја менуваат реалноста на пациентите, на здравствените работници и на целиот систем.

Дел од нашата визија за модерно здравство, нагласи премиерот, е и бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата.

– За првпат видовме обвиненија за тешки злоупотреби во онкологијата – области кои со години остануваа недопрени. Се истражува секоја злоупотреба, без исклучок, а ниту една установа или позиција не е заштитена ако ја нарушила довербата на пациентите. Таму каде што се работи за човечки животи – мора да има правда. Денес, 25 години по основањето на Фондот за здравствено осигурување, гледаме институција што влегува во нова фаза. Веќе се подготвуваат нови проекти, нови објекти и нови стандарди кои ќе го кренат здравството на европско ниво. Ова не е крај, ова е почеток на ново поглавје, додаде Мицкоски.

На одбележувањето на 25 годишнината од функционирањето на Фондот беа прикажани видеа за развојот на оваа институција, но и за итната помош што здравствените власти и Фондот ја направиле за трансплантација на срце кај дете.

Одговарајќи на новинарско прашање по настанот, Клековски рече дека има релативно одлично институции.

– Можете да отидете во ПЕТ центарот да видите кое е нивото на организација и услуги таму, а имаме установи кои се на пониско ниво. Значи, една генерална оценка не може да се даде. Во јавното здравство без лекарите во приватното здравство, матичните лекари и специјалистите, имаме над 18.400 вработени. Ние со последните зголемувања постигнавме просечна плата од над 50 илјади денари, која е поголема од просечната плата во Македонија земајќи ја предвид образовната структура која ја имаме, бидејќи во здравството не работат само доктори. Таа плата е значајно поместување, рече Клековски.

Владата, посочи тој, има среднорочен план до 2028 година за зголемување на платите. Според него, тоа што мора да го направат е зголемена контрола и на континуитетот на давањето услуги.

– Не може заради поправка на апарати или неуспешен тендер да има прекини во давањето здравствени услуги. Ако има прекини мора да има систем кој ќе сигнализира каде таа услуга ја има. Имаме 50 јавни и приватни лаборатории кои работат тумор маркери. Ако нема во една лабораторија пациентите треба да имаат јасна патека која е најблиската лабораторија каде тие тумор маркери се работат. Тоа што не очекува и преминот броење на услуги кон контрола на квалитетот на услугите и први подрачја каде ќе се направи тоа е таму каде што имаме приватни обезбедувачи на услуги, дијализите и кардиохирургија, истакна Клековски.

To top