Клиниката за гинекологија и акушерство објави дека вчера во сигурните раце на мама и на тато, дома заминале четирите бебиња од Штип, малата принцеза Леонтина и нејзините тројца браќа Михаил, Теодор и Ведран.
-Нашите мали, но големи борци родени во 31 гестациска недела си заминаа во добра состојба по 38 дена поминати на одделението за интензивна нега и терапија. Михаил е роден со 1170 грама, а дома си замина со 1860 грама. Леонтина е родена со 1100, а ја испративме со 1810 грама. Теодор е роден со 1200 грама, а дома си замина со 1920 грама. Ведран е роден со 1370 грама, а од ОИНТ го испративме дома, во Штип, со 2000 грама. Докторите и медицинските сестри и акушерки од Клиниката за гинекологија и акушерство на овие мали јунаци им посакуваат среќно детство исполнето со многу здравје, а на среќните родители Благица и Александар полна куќа детска смеа, многу радости и топлина во домот што ќе им ја донесат овие четири мали сонца, велат од ГАК.
Доктор Елена Ѓоргиевска Николовска, која „на свет“ ги донесе Михаил, Леонтина, Теодор и Ведран вели дека е прекрасно чувството сите четири бебиња заедно да се испратат дома и порача дека за сите кои беа дел од оваа среќна приказна, тоа било огромен предизвик.