Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на тематскиот форум „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“, организиран од Центарот за граѓански комуникации, со поддршка на Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas.
Во своето обраќање, Фетаи истакна дека транспарентноста на вистинската сопственост претставува клучен инструмент за спречување на корупцијата, судирот на интереси и злоупотребата на јавните средства, нагласувајќи дека ова прашање е важен приоритет на владината агенда и на процесот на европска интеграција.
Тој укажа на постигнатиот напредок во оваа област преку функционализирањето на Регистарот на вистински сопственици и усогласувањето на националното законодавство со Петтата директива на Европската унија за спречување на перење пари. Фетаи нагласи дека, според податоците од 2021 година, над 70 илјади уникатни лица се регистрирани како вистински сопственици, додека околу 90 проценти од обврзаните субјекти ја имаат исполнето законската обврска за регистрација, со што е создадена солидна основа за зголемување на транспарентноста.
Во овој контекст, тој истакна дека овој систем е усогласен со аспирациите на државата за членство во Европската унија, особено во рамки на Поглавјата 23 и 24, кои ја нагласуваат потребата од балансирање помеѓу борбата против перењето пари и заштитата на личните податоци. Истовремено, Фетаи ја нагласи потребата од унапредување на механизмите за заштита на личните податоци во исклучителни околности, во согласност со релевантните практики и одлуки на Судот на правдата на Европската унија.
Заменик-претседателот Фетаи потсети на обврските на Владата во рамки на Партнерството за отворено владеење за интегрирање на податоците за вистинските сопственици во Електронскиот систем за јавни набавки, со цел зголемување на транспарентноста, отчетноста и јавниот надзор.
На крајот, тој повика на поинтензивна соработка меѓу институциите, граѓанското општество и медиумите, нагласувајќи дека само преку конкретни активности и ефективно користење на податоците може да се постигнат реални резултати во борбата против корупцијата.