Македонија УКИМ

Фармација – науката што го менува светот, чекор по чекор

Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е токму местото каде што започнува патот на идните професионалци кои ја движат оваа индустрија напред.

Фармација – науката што го менува светот, чекор по чекор

Во свет кадешто здравјето станува сè поголем предизвик, постои една наука што тивко, но моќно стои зад најголемите медицински достигнувања – фармацијата. Благодарение на неа, денес се искоренети болести кои во минатото биле фатални. Со децении наназад, фармацевтската наука вложува во истражување, развој и прецизност, создавајќи лекови што спасуваат животи, даваат надеж и го подигаат квалитетот на живеење на милиони луѓе ширум светот. Фармацијата денес е една од главните сили на здравствениот систем.

Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е токму местото каде што започнува патот на идните професионалци кои ја движат оваа индустрија напред.

Евгенија Ристеска, студентка на интегрираните студии по фармација, го одбрала токму овој Факултет поради љубовта кон науката и здравјето – но и поради јасната визија дека преку фармацијата може вистински да се направи разлика во животот на луѓето.

„Одлучив да го одберам Фармацевтскиот факултет затоа што отсекогаш имав интерес за наука и здравје. Програмата ми овозможува да се развијам како професионалец и да придонесам за заедницата“, истакна таа.

Таа вели дека многумина ја сведуваат фармацијата само на работа во аптека, но реалноста е многу поразлична.

„Фармацијата не е само работа во аптека. Тоа е поле полно со можности – од истражување и развој на нови лекови, преку работа во индустрија и лаборатории, па сè до регулатива, диететика, па дури и здравствен менаџмент“, посочи Евгенија.

Благодарение на новите технологии, фармацевтите денес користат напредни дигитални алатки, вештачка интелигенција и автоматизирани лаборатории за анализа, тестирање и создавање на нови терапии. Ова отвора дополнителни професионални патеки во биотехнологијата, контролата на квалитет, клиничките испитувања, па дури и во работа со медицински софтвери и дигитално здравство.

На Фармацевтскиот факултет се нудат три современи програми: интегрирани студии за магистер по фармација (5 години), диететика и диетотерапија (3 години) и лабораториско биоинженерство (3 години).

Секоја од нив отвора можности за кариера во различни сектори – аптеки, болници, истражувачки институти, индустриски погони, лаборатории, па дури и во меѓународни регулаторни тела. Вработливоста е висока, и многумина од дипломираните студенти многу брзо се вклучуваат во системот – со солидни плати и можности за напредување.

Она што според Евгенија најмногу го издвојува Факултетот е практичната подготвеност што ја добиваат студентите.

„Тоа не се само теории и формули – туку конкретни знаења и вештини, што директно се применуваат во реалниот свет“, објасни таа.

Преку практична настава, лабораториски вежби и стручна пракса, студентите се подготвуваат за секојдневните предизвици на оваа динамична професија.

„Ако имаш љубов за науката, внимание на детали и желба да помогнеш во подобрување на здравјето на луѓето – фармацијата е професијата што го овозможува тоа“, порача Евгенија на сите идни студенти кои сакаат да бидат дел од здравствениот систем, но не се гледаат во бел мантил како доктори.

Денес, кога човештвото сè повеќе се потпира на прецизна наука, нови технологии и сигурни решенија, фармацијата станува еден од најважните столбови на современиот живот.

Најнови вести од Македонија

To top