АД ЕСМ ја информира јавноста дека интензивните врнежи кои ја зафатија земјава во изминатите четири дена влијаат на зголемување на нивото на акумулациите кои се користат за производство на електрична енергија и не постои опасност од нивно преливање. Во сите акумулации нивото на водата расте, но има доволно простор за прифаќање на силните дотеци од овој бран.
Особено е изразен порастот на котите во Југозападниот дел од државата. Последните три дена, нивото на Охридско Езеро расте по неколку сантиметри дневно и заклучно со вчерашниот ден е на ниво од 693,33 м.н.в, што е за два сантиметри над просекот за ноември, согласно мерењата на стручните служби од АД ЕСМ, Подружница ХЕС Црн Дрим. Сепак, тоа ниво е далку од максимално дозволената кота која изнесува 693,75, односно 694 метри надморска височина. Во тој контекст, апелираме да се користат релевантни податоци за нивото на Езерото кое е на сосема безбедно ниво и не претставува директна опасност за Охридско-струшкиот регион.
Исто така, се регистрира интензивен страничен дотек во Глобочица од повеќе реки во струшко, но согласно воспоставениот режим на работа на хидроелектраните Глобочица и Шпилје, нема опасност од прелив на водите.
Нивото на Дебарското Езеро за четири дена има пораст од два метри надморска височина и според мерењата од утрово е на кота 564,55 м.н.в. Се регистрира силен вкупен дотек од128,50 метри кубни во секунда од Радика и oд локалниот слив со Глобочица со наврнати 100 литри воден талог на метар квадратен.
-Очекуваме дека врнежите кои ќе продолжат викендов нема да претставуваат проблем за делумна преработка преку агрегатите, а дел од надојдената вода ќе остане во акумулацијата за понатамошниот период од грејната сезона. Ваквите обилни дотеци не се регистрирани во последните седум години, но секогаш се очекувани во есенскиот период. Производството на електрична енергија е адаптирано спрема хидролошките прилики и потребите на АД ЕСМ, а на располагање и со висока доверливост се сите пет агрегати во хидроелектраните Глобочица и Шпилје. АД ЕСМ и понатаму внимателно ја следи хидролошката состојба во подрачјата кадешто располага со хидропотенцијали и продолжува со преземање на сите неопходни мерки за ефикасно и безбедно справување со високите води и интензивните дотеци во акумулациите, велат од ЕСМ.