Четворица слушатели на курсот за професионални војници во касарната во Велес се со потврдена дијагноза на шуга. Тие се во добра општа состојба и се наоѓаат на домашно лекување. Од Армијата информираат дека се преземени сите неопходни мерки и дека состојбата внимателно се следи кај сите слушатели присутни на курсот.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено медицински центар (ВМЦ), информираше дека првиот случај бил пријавен минатиот четврток.
-Во четвртокот минатата недела беше пријавен и забележан првиот случај од ова заразно заболување. Веднаш заминав на терен после јавувањето и беа преземени сите потребни превентивни мерки, изјави Оранска.
Таа појасни дека првично дијагностицираното лице веднаш било упатено на специјалист и на домашно лекување, по што следеле дополнителни превентивни активности.
-Дијагностицираното лице беше веднаш упатено на лекар на специјалист и на домашно лекување. Потоа следеа чекори на превентивни мерки. Ние превентивните мерки ги правиме редовно по наш месечен план. А по индикација, како сега, правиме и вонредни надзори, појасни таа.
Според Оранска, сите присутни војници биле прегледани, а оние со кожни промени биле дополнително упатени на специјалистички прегледи.
-Во изолација нема. Сите четворица се пратени на домашно лекување. Другите се наоѓаат во единицата и се добри и без симптоми, нагласи епидемиологот во ВМЦ Оранска.
Епидемиологот додаде дека болеста не потекнува од Армијата.
-Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е извршена комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а надзорот продолжува секојдневно.
-Преземени се уште да кажам, е правена комплетна дезинфекција дезинсекција на просториите каде се сместени. Инкубацијата на тоа заболување трае од 10 дена до шест недели, така да ние имаме обврска и задача и мора да се прави секојдневна проверка, додаде Оранска.
Портпаролот на ГШ на АРМ, потполковник Дарко Стерјовски, информираше дека условите во касарната се целосно согласно правилата и дека шпекулациите за лоши услови не се точни.
-Сакам да напоменам дека условите кои што се во Армијата, односно во касарната се сосема задоволителни и се согласно правилото за сместување и ред во армијата. Со тоа сакам да ги демантирам дезинформираат кои што излегуваат во јавноста дека условите не се како што треба, потенцира Стерјовски.
Тој потсети дека касарната во Велес е домаќин на голем број меѓународни и домашни активности, што, како што вели, е доказ за нејзината функционалност.
Во однос на тврдењата дека нема топла вода, Стерјовски категорично ги отфрли.
– Оние информации кои што ние ги имаме и се официјални е дека нормално дека има топла вода и загреани простории и топла вода и комплетни услови за нормален живот и работа и обука, нагласи портпаролот.