Македонија 112

Една спасителна акција, гаснење на пожари и помош: 1.918 повици на 112 во последното деноноќие

Синоќа, по добиениот повик на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК дека на Водно има повредено лице, имаше спасителната акција која успешно се завршила.

Една спасителна акција, гаснење на пожари и помош: 1.918 повици на 112 во последното деноноќие

На единствениот број за итни случаи 112 изминатото деноноќие имало 1.918 повици, од кои најголем дел биле за полицијата, потоа кон итната медицинска помош, а имало и повици за противпожарните служби, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Во последното деноноќие имало вкупно 1.918 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 34,52 отсто, а 65,48 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 53,73 отсто, кон итната медицинска помош 33,73 отсто, а кон пожарникарите 8,24 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 4,31 проценти со другите 65,48 проценти што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.266 на број и биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи, велат од ЦУК.

Инаку, синоќа, по добиениот повик на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК дека на Водно има повредено лице, имаше спасителната акција која успешно се завршила.

-Со голема пожртвуваност сите ангажирани субјекти кои пешки стигнале до повредениот, му пружиле прва помош, го грееле со оган и потоа на повредениот раце околу еден час бил носен по замрзнат терен до возилото на Итна медицинска помош за транспорт до болница, на крајот од денот, а во првиот мрак. Ангажираните од итната медицинска помош, полициската станица „Карпош“ и специјалците од ЕБРД на МВР, реагирале оптимално и согласно природата на итниот случај и можностите на теренот кога почнува ноќта. Хеликоптерската единица на МВР, а и припадниците од Армијата на пунктот на Водно биле во подготвеност, доколку за тоа имало потреба, се вели во денешната информација од ЦУК.

Оттаму информираат и дека пожари на вегетација на отворено според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи во државата се уште има, така што и во последното неделно деноноќие имало девет пријави за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.

Пожарникарите истовремено гаснеле пожари и во урбани средини. ЦУК информира дека за пожар на повеќе куќи во скопско Драчево, биле ангажирани голем број ПП возила и пожарникари. Конкретно Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека БППЗ на Град Скопје од 17.25 до 03.00 часот утрово гаснеле запалени бараки, куќи, на ул. „Бранко Заревски“ бр.36 во населбата Драчево, општина Кисела Вода. Пожарот бил проширен на околните три бараки. Интервенцијата ја извршиле со осум ПП возила и 30 пожарникари. До утринскиот извештај ЦУК нема пристигнато информација за материјалната штета, зафатената површина, а и за причината за пожарот. Најверојатно истрагата ќе се врши подоцна.

ЦУК апелира за да не се палат стрништа, шума и друга вегетација, а и отпадоци, ѓубришта и контејнери на отворено, бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиенталниот воздух и секако граѓаните да ги слушаат препораките на пожарникарите преку медиумите за превенција од пожари, а секако да бидат внимателни и при прошетките во природа, бидејќи на повисоките места во планински осои се на многу места замрзнати, oсобено на почетокот и на крајот од денот.

To top