Прописите се јасни за секој носител на јавна функција по однос на користењето, односно ограничувањето за користење на ресурсите. Изборниот законик, измените, член 8а, 8б соодветно пропишува во кои ситуации какви ограничувања има за да поставите прашање, рече техничкиот премиер Талат Џафери во одговор на новинарско прашање за злоупотреба на службени возила за партиски цели.
Џафери беше во работна посета на тетовско Палчиште, Општина Боговиње, а на новинарска забелешка дека за злоупотребата и прекршувањата од опозицијата е посочен министерот Артан Груби, Џафери оцени дека новинарското прашање претставува суд за посочениот функционер.
Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска претходно на новинарско прашање дали ќе поведат постапка по допрен глас за политичарите кои со службени возила се потпишувале за претседателските кандидати, рече дека досега не е добиен доказ дека е прекршен Етичкиот кодекс.
Во однос на опомените за користењето службени возила, освен во еден случај, смета дека има видлива промена кај функционерите што се опоменати и за да бидат повнимателни тие се јавувале во нејзиниот Кабинет за да се консултираат дали би го прекршиле Кодексот доколку постапат некако.
– Тие промени се видливи. Сакам да укажам на тоа дека само за еден случај, само за случајот Артан Груби, сме дошле до ситуација после две опомени заради непостапување сме пратиле допис до премиерот којшто треба, според Етичкиот кодекс, да одлучи која е мерката што ќе ја изрече. И повторно ќе кажам треба да се најде законско решение. Ние почнавме да работиме на законско решение со коешто ќе ги врземе санкциите од Етичкиот кодекс со некакви законски норми врз основа на кои би можело да има и некакви други санкции, прекршочни или од друг карактер за да не бидеме доведени во ситуација само да опоменуваме, особено кога за некого и опомените не се доволни, изјави Грковска.