Премиерот Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Украина во Република Македонија, Н.Е. Лариса Дир.
На состанокот беше изразена постојаната силна поддршка која Македонија ја покажува кон Украина, во услови на тешки моменти за украинскиот народ, кој веќе две години храбро се бори за својата слобода.
Џафери нагласи: „Република Северна Македонија и нејзините граѓани, стојат цврсто покрај Украина и ќе продолжат да го прават тоа сѐ додека е потребно, во нејзината борба за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Украина ја има поддршката и за интеграциските аспирации во демократските сојузи на држави, и во таа насока, Северна Македонија ја поздравува одлуката на Европскиот Совет да отвори пристапни преговори со неа“.
Воедно, премиерот Џафери нагласи дека, освен формирањето на Советот НАТО-Украина, како членка сојузничка, Северна Македонија е дел од пакетот на проширена политичка и практична поддршка на Украина, продолжувајќи со поддршката на политиката на отворени врати на НАТО.
Премиерот Џафери потврди дека Владата стои на располагање за споделување искуства во делот на понатамошната интеграција на Украина во меѓународните демократски сојузи.
Амбасадорката Дир му честиташе на премиерот за стапувањето на функцијата и изрази надеж дека ќе продолжи да манифестира иста силна поддршка кон Украина и на новата функција.
Амбасадорката се заблагодари за сета досегашна помош дадена од Република Северна Македонија на Украина, како и на изнесената подготвеност за продолжување на истата, при што нагласи дека Украина тоа високо го цени и нема никогаш да го заборави. Дир ја поздрави подготвеноста на Македонија за споделување искуства и знаења во евро-атлантските интеграциски процеси со Украина.