Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска има закажано две седници. И тоа 13. седница на која на дневен ред е останат само избор на уставни судии и 41. седница со три точки на дневниот ред.
Пред да биде прекинато последното продолжение на 13. седница на Комисијата се одвиваше дебата за кандидатот за уставен судија Љубомир Јовески, кој во меѓувреме се пензионираше и не е веќе јавен обвинител. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се спротиставуваа на предлогот и одржуваа долги дебати за да ја одолговлечат работата на Комисијата.
На другата 41. седница на Комисијата на дневен ред се Утврдување предлог-одлука за именување на членови на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Утврдување предлог-одлука за именување на директор на Агенцијата за квалитет во високото образование и Разно.
Во посета на Собранието денеска ќе бидат членовите на Фискалниот совет, кои ќе имаат средба со пратениците од Комисијата за финансирање и буџет.