Во Културниот центар на Нови Сад, се одржа свечена академија на Националниот совет на Македонците во Србија по повод 20 години од неговото основање. На академијата присуствуваа македонскиот амбасадор во Белград проф.д-р Никола Тупанчевски и директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Србија, Васко Шутаров.
Поздравен говор пред присутните, за историјата и резултатите од работата на Националниот совет на Македонците во Србија во изминатите 20 години, одржа претседателката на советот Зорица Митровиќ.
Честитики за дваесет годишниот јубилеј на свечената академија упатија министерот за човекови и малцински права и општествен дијалог на Владата на Република Србија – Томислав Жигманов, специјалниот пратеник на премиерот на Република Србија – Предраг Рајиќ, специјалниот пратеник на премиерот на Република Македонија, заменик министер за евроспки прашања во македонската влада, Викторија Трајков и македонскиот амбасадор во Србија проф.д-р Никола Тупанчевски.
Покрај членовите на Националниот совет на Македонците во Србија и припадници на македонската заедница од цела Србија, на свеченоста присуствуваа и претставници на покраинските секретаријати за култура и информирање – Мирослав Илиќ, за образование, прописи, управа и национални заедници – Милинка Хрќан, покраинскиот омбудсман на Војводина – Драгана Ќориќ, претставници на градовите Нови Сад и Лесковац и делегација на Друштвото на писателите од Македонија.
На академијата беше прикажан документарен филм за создавањето и работата на Македонскиот национален совет во изминатите 20 години, во продукција на здружението Мак-инфо.
Специјални златни плакети по повод јубилејот им беа доделени на Ивана Цветковиќ и Благоја Илијевски, како и постхумно на починатиот претседател на Советот Борче Величковски, за 20годишно членство во Советот. Јубилејни плакети за значаен придонес вo работата и афирмацијата на Националниот совет на Македонците во Србија беа доделени на членовите на Советот во мандатите 2018-2022 и актуелниот мандат 2022-2026, имајќи предвид дека на членовите на Советот во претходните мандати им беа доделени јубилејни плакети во 2014 година.
На академијата беше изведена богата културно-уметничка програма со повеќе учесници – учесниците на литературниот конкурс “Борче Величковски” – ученици кои го изучуваат Македонскиот јазик со елементи на националната култура во основните училишта, ги прочитаа своите творби на тема “Помеѓу две татковини“ за што добија и соодветни награди.
Програмата ја затвори националниот ансамбл на македонската заедница во Србија “Тоше Проески“ со неколку македонски традиционални песни, што ќе бидат преснимени и на нивното второ ЦД, што во моментов се подготвува.
Настанот беше збогатен со ретроспективна документарна изложба за постигнатото во изминатите 20 години, како и со специјално издание на списанието „Македонска виделина”. (МИА)