На денешната Комисија за финансии и буџет, на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година, се обрати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Донев кој образложи во однос на поднесениот амандман дека владата ја нема тргнато настрана Општина Пласница а доказ за тоа дека се издвоените пари од кредитот, исто така наведе дека претходната власт оставила недовршени проекти, како проектот со регионалната депонија во Општина Новаци, за кои оваа влада успешно изнаоѓа решенија.
„Издвоени се, како што кажа заменик министерот, 11 милиони и 500 илјади денари од кредитот кој што беше поделен по општините, односно, локалните самоуправи. До година сумата ќе биде уште поголема. Ќе спомнам еден проект кој што го започна претходната влада, тој проект започна во 2021 година, а тоа е за изградба на регионална депонија во општина Новаци. Тој проект цели три години беше тргнат настрана и овие средства кои што беа издвоени не беа искористени за да се изгради таа регионална депонија, која што ќе го реши проблемот со ѓубрето од Општина Дебар до Општина Прилеп“, изјави Донев.
Тој посочи, исто така, дека од страна на Владата се обезбедени средства за изградба на обиколницата кај општина Новаци, и дека во моментот тече тендерот за набавка на канти за ѓубре и механизација, сметајќи дека сето тоа ќе придонесе за подобро функционирање на локалните самоуправи.
„Владата во изминативе три месеци обезбеди средства за изградба на обиколницата кај општина Новаци, со што се одблокира целиот проект. Таму ќе се изгради обиколница која ќе овозможи сите тие камиони кои што депонираат ѓубре, да ја заобиколуваат општина Новаци и ѓубрето да се депонира близу Рек Битола. Сакам да ве информирам, во моментот тече тендерот за набавка на механизација и канти за ѓубре за сите општини. Сите тие камиони и канти ќе бидат поделени на сите општини од Општина Дебар до Општина Новаци, односно Општина Прилеп“, рече Донев.