Доколку има политичка волја и вистинско читање на нештата, промена на преговарачката рамка со ЕУ е можна, рече вечерва претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Во гостување на Телевизија 24, Мицкоски вели дека потребни ќе бидат гаранции дека нема да има дополнителни билатерални услови од Софија со посредништво на Европската унија.
– Ако има желба, преговарачката рамка може да се промени, ако навистина сакаат Македонија да ја видат таму има можност за тоа, но треба да се искрени со нас и да ни кажат „да сакаме под овие услови“. Ние ако имаме политичка волја и вистинско читање на нештата се може да се случи, рече Мицкоски.
Кога ќе има политичка влада во Бугарија, Мицкоски вели дека има најмалку три решенија за кои е подготвен да преговара.
– Има најмалку три креативни решенија коишто сум подготвен да ги разговарам кога ќе има политичка влада во Бугарија, кои мислам дека можат да бидат излезно сценарио од целиот процес, рече премиерот.
Мицкоски вели дека патот по кој се одело досега не поминува кај народот, направена е грешка и треба да се бара решение.
– Подготвени сме да седнеме и да најдеме решение со новата влада во Бугарија. Да разговараме за се, за можните ризици… Неприфатливи се изјавите дека уште ова треба да го направите и готово. Зашто ние направивме многу за европските вредности, а добивме нула, рече Мицкоски.