Министерството за спорт во првите шест месеци од формирањето успешно ги реализираше сите планирани капитални инвестиции за оваа фискална година. Министерот за спорт Борко Ристовски во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа ги сумираше активностите и остварувањата на новоформираното Министерство за спорт на крајот од годината и најави два големи проекти што ќе бидат во фокусот за наредната година.
-Сѐ она што беше наша обврска како ново министерство го исполнивме. Реализацијата на планираните капитални инвестиции ни е 100 процентна. Реализацијата на целокупниот буџет на Министерството за спорт е околу 98% што е сериозно висок процент. Според моите информации, Агенцијата за млади спорт никогаш немала поголема реализација на капитални инвестиции од 40-50%. Ова е стопроцентно остварување на сѐ она што сме го зацртале и сите оние средства коишто биле планирани за капитални инвестиции сме ги изреализирале. Тоа е сериозна бројка и јас како министер сум многу горд на тоа што го оствари Министерството за спорт во овие шест месеци – истакна Ристовски.
Од планираните активности за наредната 2025 година, Ристовски посочи дека во фокусот на Министерството за спорт ќе биде реализацијата на два големи инфраструктурни проекти – доградба на базените што беа почнати од поранешната Агенцијата за млади и спорт и изградба на неколку спортски сали.
-Во изминатиов период вршевме анализа на сѐ она што беше заостанато од Агенцијата за млади и спорт. Една од целите на Министерството за спорт за следната година ќе биде да се реши она што беше заостанато во изминатите години. Тука пред сѐ е долгогодишниот проблем со изградбата на базените во неколку општини. Овие базени се почнати од Агенцијата за млади и спорт пред пет-шест години и буквално не е ништо мрднато, недоградените базени стојат како црна дамка по општините.Во соработка со сите економски оператори ќе се обидеме да најдеме заеднички јазик и да ги завршиме базените до крајот на летото. Тоа е можеби малку преоптимистички од моја страна, меѓутоа, мора да постои позитивен притисок од Министерството за спорт кон економските оператори кои ги грдат тие базени.Тоа ќе биде еден од приоритетите – рече министерот Ристовски.
Втор приоритет на Министерството за спорт во однос на инфраструктурните проекти за 2025 година ќе биде изградба нанеколку спортски сали низ цела Македонија.
-Сакаме да направиме типски, идентични сали во неколку градови, со капацитет од околу 1.500 гледачи, затоа што најголемиот дел од барањата од општините на локално ниво се токму тие и такви објекти. Имаме градови и општини каде што децата буквално немаат каде да држат часови по физичко, а не пак да зборуваме за професионален спорт. Тоа ќе ни бидат главните пориоритети за 2025 година – завршувањето на базените и изградба на четири до пет спортски сали во неколку градови, како и изградбата на една спортска сала за боречки вештини во општина Бутел. Таеквондото во моментов ни е олимписки спорт број еден во државата, ние мора да го почитуваме тоа и заедно со Македонската таекводно федерација да направиме нешто што ќе биде олимписки дом за боречки вештини – соопшти Ристовски.
Доградбата на базените планирано е да биде завршена во првата половина од годината, а изградбата на салите ќе се реализира во две фази.
-Базените се надевам дека ќе ги завршиме до крајот на летото. Во истиот период, некаде од февруар – март наредната година треба да почнеме со изградба на барем две спортски сали и во втората половина од фискалната година да почнеме уште 2-3 сали и да знаеме како да го планираме буџетот за наредната година.Мнистерството за спорт има капацитет и ќе настојуваме да се завршат колку што е можно повеќе работи. Инфраструктурата е дел од основните услови ако сакаме да бараме резултати – истакна министерот Борко Ристовски.