Македонија

До 14 часот на изборите за нов лидер на СДСМ гласале 28,61 отсто од регистрираните избирачи

До 14 часот на изборите за нов лидер на СДСМ гласале 28,61 отсто од регистрираните избирачи

СДСМ денеска на вонредни внатрепартиски избори избира нов лидер на партијата. Претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ информираше дека според пресекот направен во 14 часот, излезени се 6.706 избирачи или 28,61 отсто.

– Утринава во 8 часот се отворени 77 избирачки места, гласањето ќе трае до 20 часот. Во моментов пресекот што го направи Централната изборна комисија во 14 часот е од вкупно запишаните избирачи на избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ, излезени се 6.706 или 28,61 отсто, информираше Мадиќ.

Додаде дека по завршувањето на гласањето во 20 часот ЦИК ќе информира за резултатите од денешните избори, како и за вкупната излезност.

Во врска со забелешките од страна на кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, дека голем број членови на партијата не им било овозможено да гласаат, Мадиќ рече дека станува збор за мал број на гласачи кои не биле активно регистрирани.

– Станува збор за многу мал број на гласачи, на ниво на Македонија не се ни околу дваесет. Морам да напоменам дека денеска право на глас имаат сите оние кои што се запишани во избирачкиот список, активно се регистрирале на два начини, едниот е онлајн или со пријава во општинската организација и во себе поседуваат црвена членска книшка, бидејќи системски мора да гласаат преку читачот. Сите оние кои ги има во избирачкиот список, а во моментот немаат книшка ја изгубиле или е општетена, ЦИК издава членски книшки кои имаат желба да дојдат да ја подигнат преку општинската организација. Вчера имаше издавање на членски книшки и во текот на денот кажавме дека сето тоа може. Станува збор за многу мал број на лица кои тврдат активно се регистрирале, а системот не ги покажува дека на ниту еден начин биле активно регистрирани, рече Мадиќ.

Кандидатот за нов лидер на СДСМ Јован Деспотовски денеска по гласањето во Општина Карпош изјави оти очекува дека до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес, но потенцираше дека има информации за голем број на членови на партијата на кои што им било оневозможено да гласаат. СДСМ, како што рече, е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.

По гласањето на своето избирачко место во Општина Карпош, поранешниот министер за здравство и кандидат за претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека целокупниот процес на гласање на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, се одвива мирно, во како што рече, позитивен дух меѓу сите другари и другарки кои излегуваат на гласање.

Изборот на претседател ќе се изврши од вкупниот број на излезени, односно оној којшто ќе оствари 50 плус 1 отсто од гласовите на излезените, доколку тоа не се случи тогаш гласањето ќе се повтори во втор круг. Избирачкиот список ќе брои вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ.

Најнови вести од Македонија

To top