Македонија конференција во Клубот на пратеници

Димовска: Отворен парламент и поголема отчетност со новиот национален акциски план за Партнерство за отворена власт

На Конференцијата учествуваа претставници на институциите, граѓанскиот сектор и меѓународните организации, кои дискутираа за значењето и придобивките од Партнерството за отворена власт, како и за приоритетните области за новиот акциски план.

Димовска: Отворен парламент и поголема отчетност со новиот национален акциски план за Партнерство за отворена власт

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, учествуваше на конференцијата со која денеска во Клубот на пратеници отпочна процесот на кокреирање на националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026 – 2028 – НАП7, ставајќи акцент на улогата на Собранието како активен и кредибилен партнер во овој процес, се вели во соопштението од Собрание коешто МИА го објавува интегрално.

За Димовска овој процес претставува суштинска можност да се унапреди културата на отворено, транспарентно и отчетно управување, можност за градење институции кои не само што служат на граѓаните, туку активно ги вклучуваат во креирањето политики.

„Собранието, како централна институција на демократијата, има особена одговорност во овој процес. Нашата улога не е само да донесуваме закони, туку и да обезбедиме ефективен надзор, транспарентност во работењето и вистинско учество на јавноста. Наша должност е информациите кои произлегуваат од работата на Собранието да ги обезбедиме на проактивен, транспарентен и дигитално достапен начин за граѓаните“ – истакна генералната Димовска.

Таа нагласи дека отворениот парламент е една од клучните цели во Стратешкиот план на Собранието за периодот 2026 – 2030 година, заедно со дигитализацијата, ефикасноста и зајакнувањето на институционалните капацитети.

Во своето обраќање, генералната Димовска потенцираше дека посветеноста на Собранието кон Партнерството за отворена власт е, при што институцијата активно учествува од 2017 година наваму преку повеќе акциски планови и иницијативи.

Осврнувајќи се на тековниот Акциски план 2024 – 2026, таа посочи дека се реализираат конкретни заложби кои директно ја унапредуваат транспарентноста и отчетноста, меѓу кои воспоставување регистар на регулаторни тела, унапредување на информирањето преку Собранискиот ТВ канал, одржување надзорни расправи и иницијативата „Парламентарен караван“, преку која се овозможува директна комуникација со граѓаните.

На Конференцијата учествуваа претставници на институциите, граѓанскиот сектор и меѓународните организации, кои дискутираа за значењето и придобивките од Партнерството за отворена власт, како и за приоритетните области за новиот акциски план.

Во работниот дел од настанот се одржаа тематски сесии за утврдување на приоритетите, вклучително антикорупција и отчетност, граѓански простор и учество, дигитално управување, климатски политики и животна средина, како и отворен парламент и отворено судство.

Беше нагласено дека процесот на кокреација ќе продолжи во наредниот период преку консултации, тематски работилници и јавни дебати, со цел да се обезбеди инклузивен и транспарентен пристап во подготовката на новиот национален акциски план 2026 – 2028.

Собранието останува активно вклучено во процесот, со јасна определба за понатамошно зајакнување на транспарентноста, отчетноста и довербата на граѓаните.

Најнови вести од Македонија

To top