Движењето ЗНАМ, За наша Македонија вечерва испиша историја, истакна лидерот на движењето Максим Димитриевски.
Димитриевски посочи дека овие избори ќе бидат дополнителна поука за сите остaнати политички субјекти.
Тој упати и честитки за победата на ВМРО-ДПМНЕ и победата на Гордана Силјановкса Давкова и им посaка успешен мандат.
– Да честитам на ВМРО-ДПМНЕ за убедливата победа. Овие избори ќе се дополнителна поука за политичките субјекти, а за нас од ЗНАМ од вечерва ја започнуваме борбата за достоинствена Македонија. ЗНАМ вечерва испиша историја, заедно со граѓаните. Потврдивме минимум пратеничка група. Ние од денеска продолжуваме така како што ветувавме, согласно определбите и сето она што беше ветено. Ќе работиме за граѓаните. Нашата иднина започнува вечерва. Со граѓаните ќе ја креираме убавата слика. Она што за мене е многу битно се постигнатите околу 60.000 гласови. Сакам да се заблагодарам на членството на ЗНАМ кое се посвети на оваа за нас историска победа, вечерва се потврди дека нема повеќе да живееме во црно-сив свет. Заедно со нашите идни пратеници продолжуваме понатаму за максимална Македонија, рече Димитриевски.
Според последната симулација од ДИК, по пребројани близу 85 отсто од гласовите, ЗНАМ освоил пет мандати, што му дозволува да формира и пратеничка група.