Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ истакна дека очекува новиот обвинител Савевски да работи професионално и во интерес на граѓаните, оценувајќи дека станува збор за личност без дамка во кариерата, на кој Движењето ЗНАМ му даде поддршка и очекува доследно да го применува законот.
Во однос на постапката поврзана со Артан Груби, тој нагласи дека случајот треба да се преиспита, додека за борбата против корупцијата оцени дека актуелната власт води сериозна и реална борба.
Според него, нема попуштање ниту за функционери од сопствените редови и постојат конкретни акции на Министерството за внатрешни работи во координација со Обвинителството.
„Никој никого не се обидел да го заштити и охрабрувам вакво однесување” – истакна Димитриевски.
Осврнувајќи се на различните ставови на пратеникот Миле Цеков, лидерот на ЗНАМ потенцираше дека партијата останува отворена за внатрепартиска дебата и различни мислења, но со јасна граница за почитување на програмските определби и довербата на гласачите. Тој нагласи дека ЗНАМ се гради како демократска партија која не исклучува, туку ги развива своите демократски капацитети, но истовремено очекува одговорност од секој избран функционер.
„Не направив партија за да исклучуваме членови, туку да привлекуваме и да го градиме демократскиот капацитет. Дебати може да има, сè додека не се злоупотреби довербата на граѓаните“ – изјави Димитриевски, испраќајќи порака дека различните ставови се дозволени, но не и отстапување од основните принципи.
Додаде дека пратениците пред сè мандатот го добиваат од граѓаните, а потоа и од политичката партија, поради што секое евентуално отстапување од програмата мора да биде објаснето пред јавноста.
„Не можете никого да држите со сила. Кој сака може да си оди“ -нагласи претседателот на ЗНАМ, потенцирајќи дека политичката одговорност е лична, а довербата на гласачите клучна.
Движењето ЗНАМ останува цврсто на своите принципи и демократски вредности, подготвено да продолжи со отворена и инклузивна политика, но без компромис кога станува збор за довербата на граѓаните и основните програмски определби на партијата.