Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77 зборуваше за злоупотребата на повратот на ДДВ-то во компании во југоисточна Македонија и потенцираше дека штотуку основани компании веднаш почнувале со пријава на огромни суми за повраток на данок, додавајќи дека за ова требало да реагира регионалната дирекција на УЈП во Струмица.
-Она што мене ме зачудува во целата конкретната ситуација, а тоа е сепак регионалната дирекција во Струмица, би требало барем по мене да била повнимателна, несфатливо е како во 2022 година да имате основано компании и тие компании веднаш да почнат со огромни промети, да пријавуваат ДДВ пријави во кои што евидентираат тоа што евидентираат, а знаеме дека мора да го евидентираат влезниот промет. Мене ми се комплетно нејасни тие работи како никој не воочи дека имаме компании кои што, тукушто основани, „трошат пари“ бидејќи тоа е логиката купувал и евидентирал дека купува нешто кое што треба дополнително да го продаде во милионски износи. Не можам да ги разберам тие работи, што работи управата, што гледаат вработените таму, особено за компании тукушто основани, рече таа.
Димитриекса Кочоска посочи дека во врска со ваквите случаи може да се забележи дека се јавуваат истите имиња и презимиња од претходно.
-Јас за ова имам зборувано и претходно во 2020 година и некако ако тргнеме да ги гледаме истите имиња и презимиња се појавуваат. Зарем тоа не е некаде евидентирано. Јас не знам не сум работела и не знам како функционира системот, но нели има некаде да се евидентира и да се каже дека ова лице е ризично, управата го гледа како проблематично и да алармира кога ќе се основа нова компанија, кога се поднесуваат ДДВ пријави и така натаму и да се излезе на терен, додаде таа.