Во земјава денеска во тек е гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор, лицата кои се пријавиле за гласање а се сместени во установите за вонсемејна грижа, внатрешно раселените лица и лицата од дијаспората, информираат од Државната изборна комисија.
Вкупно 11.095 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас за вториот круг од претседателските избори, додека за парламентарните избори право да гласаат имаат вкупно 11.197 болни и немоќни.
– Со почеток во 7.00 часот во 14 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 2147 затвореници за претседателските избори односно 2140 затвореници за парламентарните избори. Петстотини триесет и четири лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 20 центри за претседателските и парламентарните избори и двајца пријавени гласачи евидентирани како внатрешно раселени лица имаат право да гласаат на двата вида избори, се вели во денешното соопштение од ДИК.
Исто така во 7:00 часот во зависност од временската зона, гласањето започна и во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии во странство каде се гласа само за претседателски избори. Во дијаспората своето право на глас може да го остварат 2569 избирачи, во 31 Дипломатски конзуларни претставништва или Конзуларни канцеларии.