Државната изборна комисија до вечерва на полноќ треба да ги внесе во единствениот Избирачки список оние граѓани чии документи за идентификација, лична карта и пасош им истекле во периодот до девет месеци до денот на изборите, за да го остварат правото на глас на претстојните претседателски избори на 24 април и на парламентарните избори на 8 мај.
Увидот во Избирачкиот список истекува вечерва на полноќ.
Од ДИК велат дека најголем дел од граѓаните со истечени документи се внесени во списокот и веќе можат и да извршат електронска проверка преку нивниот сајт.
Минатиот четврток од ДИК најавија дека Министерството за внатрешни работи ќе им достави податоци за граѓаните со истечени документи и дека во текот на неколку дена Избирачкиот список ќе биде дополнет и со овие гласачи. Рекоа и дека нема да се продолжуваат роковите во врска со списокот, односно јавниот увид завршува на 18 март, а ќе се заклучи најдоцна до 2 април.