Македонија за висок притисок, срцеви заболувања, депресија, деменција

Девет нови лекови на позитивната листа

Девет нови лекови на позитивната листа

Девет лекови вредни девет милиони евра, меѓу кои за висок притисок, срцеви заболувања, депресија и деменција, стануваат дел од Позитивната листа.

Како што информира денеска министерот за здравство, Арбен Таравари, станува збор за девет генерици претставени преку 87 лекови.

– Се работи за 87 лекови во различни форми, јачини и пакувања што имаат активна регистрација во нашата држава, девет генерици претставени преку 87 лекови. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција, рече Таравари.

Министерот посочи дека во процесот биле ангажирани експерти кои работеле на неколку законски измени, изработка на нов правилник со европски практики и нова методологија за ставање на лекови на позитивна листа.

– Ова е само почеток на процесот на проширување на позитивната листа, потенцира Таравари.

Дополни дека се надева дека со новиот буџет следната година позитивната листа повторно ќе биде дополнета и ги повика сите фармацевтски компании да продолжат со нивните апликации за ставање на нови лекови на позитивната листа.

Во врска со онколошките препарати, министерот информираше дека трошоците за онколошките пациенти и пациентите со хепатит Б или Ц се покриени согласно дополнителниот условен буџет.

– Ниеден онколошки пациент, или хемотолошки, или со хепатит Б и Ц не плаќа приватно, туку и тоа го покрива ФЗОМ, односно Министерството за здравство. Така што,тие не се во позитивна листа, меѓутоа се условени буџети со кои ФЗОМ ги покрива трошоците на онколошките пациенти, хематолошки болести и други кои што се посериозни, рече Таравари.

Професор Димче Зафиров од Институт за предклиничка и клиничка фармакологија дополни Комисијата разгледува огромен број на лекови токму од оваа област.

– И тоа најсовремената терапија, моноклоналните антитела, меѓутоа кои што имаат и најголеми финансиски импликации. Како што кажа и министерот, најголем дел од тие се веќе на условен буџет, меѓутоа со работата на комисијата се надеваме дека ќе дојдеме, сега не можеме временски да кажеме кога, се ќе зависи од финансиските можности. Нормално, ние би сакале сè да ставиме, ако е до нас, меѓутоа секогаш треба да се има во предвид и можноста и финансиска и да се изнајде едно оптимално решение. Значи, се работи токму за онаа најсовремена, најнапредна онколошка терапија на моноклонални антитела каде што навистина во наредниот период, јас се надевам и овој состав на комисијата сигурно ќе го решиме тоа, рече Зафиров.

Мерием Хаџихамза, советник за фармацевтски политики во Малмед, појасни дека Комисијата работи согласно барањата поднесени од носителите на одобрение за ставање на лек во промет.

– Критериумите кои се воспоставени во Правилникот за позитивната листа не се некои критериуми кои се инвентивни во нашата држава, тоа се европски пракси. Тоа се критериуми кои ги опфаќаат сите аспекти на употребата на лекот поаѓајќи од терапевтското значење на лекот, значење на лекот од аспект на јавното здравје, од економски аспект, социјален аспект, етички аспект итн. Почитувањето на овие критериуми не може во никој случај да предизвика ставање на неквалитетни и непотребни лекови на позитивната листа. Самиот факт што кардиоваскуларните заболувања се најзастапени заболувања во нашата земја ја наметнува потребата овие лекови во моментот да се приоритет. Освен тоа се работи за генерички лекови коишто во овој момент ќе генерираат трошоци толку колку што ФЗОМ може да ги покрие, рече Хаџихамза.

Со ставањето на овие лекови на позитивна листа согласно критериумите од Правилникот, како што дополни, се подобрува квалитетот на животот пациентите и потенцираше дека ќе следат иновативни лекови.

To top