Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) денеска ќе испрати инспектор во штипската Клиничка болница по смртта на 26-годишната родилка од Делчево, ова за МИА го изјави директорката на ДЗСИ, Рената Младеновска. Таа најави дека во текот на утрешниот ден ќе ги има и првите информации за овој случај по инспекцискиот надзор на инспектор од Кочани. Штотуку пристигна и соопштението од Клиничка болница-Штип, кое беше најавено вчера и од директорот, Ален Ѓеорѓијев. Во него се наведува дека пациентката е примена на Одделот за гинекологија и акушерство на 26.12.2023 год. околу 10:20 часот, за породување.
-Десетина минути подоцна, пациентката колабира, со ниска тензија, немерлив пулс и знаци за шок. Веднаш е внесена во операциона сала, направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.
Во него се посочува и дека поради тоа, конзилиумот од двајца анестезиолози, двајца гинеколози и четири хирурзи одлучуваат пациентката да биде префрлена на КАРИЛ – Скопје за понатамошен третман.
-Во текот на вчерашниот ден, Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања, ја разгледа документацијата за случајот и утврди дека нема пропусти во третманот на пациентката. Бидејќи секако овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат нашата работа, ќе почекаме да видиме, што е причината за ваквиот исход и дали од наша страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази, стои во соопштението на Клиничка болница-Штип.
Раководството на болницата изразува и најдлабоко сочувство до семејството на починатата пациентка. (МИА)