Системско решавање на работите, а не пазар најавува актуелниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски кој денеска ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ, доколку ја добие довербата од партиското членство.
-СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација, СДСМ има потреба од еден нов почеток. СДСМ ќе биде партија која ќе ги обединува сите, не само своите членови, ќе биде партија за сите граѓани, истакна Деспотовски.
Тој посочи дека зад програмата која ја нуди стојат многу стручни лица со многу конкретни работи. Повеќето од нив, како што рече, се поврзани со основни принципи и политики на работење.
-Нема да зборуваме, никогаш не сум трошел многу време на зборови. Секогаш зборувам за дела, за конкретни чекори и секогаш успехот и резултатот или неуспехот го мериме преку конкретни чекори. Сметам дека тоа е клучната разлика што не’ разликува од останатите противкандидати. Кај нас не зборуваме, кај нас работиме, потенцираше Деспотовски.
Според него професионализацијата на партијата значи вклучување на луѓе кои не се дел од партиските структури, но рече нема да ги заборават и старите структури.
-Нов механизам преку кој СДСМ ќе дејствува како опозиција. Ќе формираме Влада во сенка која ќе даде опција на граѓаните, да размислуваат и да споредуваат. Ќе бидеме конструктивна опозиција во Собранието, нема да критикуваме по секоја цена. Ќе подадеме рака на секој, вклучително и на политичките опоненти, за сите политики, проекти и чекори кои се во интерес на граѓаните и кои се совпаѓаат со програмата која ја нудиме, нагласи Деспотовски.
Своите кандидатури за претседателското столче на „Бихаќка“ денеска ги поднесоа и екс министерот за здравство Венко Филипче и поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, двајцата актуелни пратеници.