Македонија ЦУК

Десетина пожари на отворено во последното деноноќие

Десетина пожари на отворено во последното деноноќие

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во државава се уште има пожари на вегетација на отворено. Десетина пожари имало во последното деноноќие.

Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје од 14:30 до 16:20 часот, со тројца пожарникари и едно возило гаснеле запалено стрниште на површина од 5.000 квадратни метри во скопското село Побожје, општина Чучер Сандево.

Тројца пожарникари од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје од 16:25 до 17:50 часот со едно возило гаснеле запалена нива на површина од 500 квадратни метри во село Петровец, Општина Петровец. Пожарникарите имале уште четири други помали интервенции.

Двајца пожарникари од Територијалната противпожарна единица Гевгелија од 10:55 до 12:00 часот со едно противпожарно возило интервенирале на запалена ниска вегетација и прнар кај село Црничани во Општина Дојран. Двајца пожарникари од 14:15 до 15 часот со едно возило интервенирале на запалена депонија кај село Негорци, Општина Гевгелија.

Тројца пожарникари од ТППЕ Велес од 14:00 до 17:00 часот со едно возило, заедно со пет вработени од ЈП „Национални шуми – подружница Бабуна“- Велес интервенирале на запалена нискостеблеста деградирана шума и мал дел смрека со површина од 5 хектари над езерото Младост.

ТППЕ Свети Николе од 11:30 до 12:20 часот со тројца пожарникари и едно возило интервенирале на запалени лозови гранки кај село Криви Дол во општина Штип.

Четворица пожарникари од ТППЕ Кочани од 12:45 до 15:00 часот со две возила и со четворица доброволци интервенирале на запалено стрниште со површина од 10 хектари во атарот на село Теранци. Имале уште една помала интервенција.

ТППЕ Пробиштип од 17:45 до 19:20 часот со едно возило и тројца пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација и стрниште со површина од 1 хектар кај село Бучиште.

Регионалниот ЦУК Битола информира дека ТППЕ Прилеп во изминатото деноноќие имала три помали интервенции.

To top