Македонија

Делегација на Уставниот суд оствари билатерална средба со претседателот и со судии на Уставниот суд на Туркије

Костадиновски ја истакна важноста од одржувањето на одличните односи, особено кога станува збор за заедничко членување во регионални или меѓународни организации од областа на уставното право.

Делегација на Уставниот суд оствари билатерална средба со претседателот и со судии на Уставниот суд на Туркије

Делегација на Уставниот суд во состав од претседателот, д-р Дарко Костадиновски, судиите м-р Фатмир Скендер, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, проф. д-р Ана Павловска-Данева и шефот на кабинетот д-р Екрем Халими, оствари билатерална средба со претседателот и со судии на Уставниот суд на Република Туркије.

Во текот на работниот дел претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски изрази задоволство од организирањето на оваа билатерална посета и потенцираше дека на средбата и претходи долгогодишно искуство на соработка и пријателски односи со Уставниот суд на Република Туркије, но и со другите правосудни инстанци.

Костадиновски ја истакна важноста од одржувањето на одличните односи, особено кога станува збор за заедничко членување во регионални или меѓународни организации од областа на уставното право.

„Изразувам голема благодарност во име на Уставниот суд за вашата иницијатива да се продолжи оваа соработка. Во текот на 2007 година, нашите претходници следејќи ги пријателските односи помеѓу двете држави потпишале Меморандум за соработка. Она што нам ни останува како должност е да му обезбедиме живот, суштина и динамика на тој Меморандум. Токму овој документ ни е поттик и рамка заеднички да ја унапредиме соработката и заемната поддршка во меѓународните форуми како Балканскиот форум на уставни судови кој следната 2025 година ќе се одржи во Република Туркије, а во 2026 во Македонија, во рамките на Европската и Светската конференција на Уставни судови”.

Судиите разменија мислења на повеќе теми од значење за постапувањето и надлежностите на двата суда. Централни теми за кои се водеше дискусија и се разменуваа искуства, беа механизмите за извршување на одлуките на судовите, механизмите за следење на извршувањето на одлуките, за кои свои излагања имаа судијката проф. д-р Ана Павловска-Данева и судијата м-р Фатмир Скендер, додека судијката м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева имаше свое излагање на темата за уставната тужба.

Уставен суд

Во разговорите беа прецизирани и конкретни области за соработка во наредниот период, како што е користењето на Истражувачкиот центар кој е дел од Уставниот суд на Туркије, продолжување на практиката за стручна размена и престој на ниво на судии, студиски престој и учество на Летната школа на стручната служба, како и можностите за поддршка на капацитетите на Уставниот суд на Република Северна Македонија во поглед на дигитализација на Судот, опремување со современи компјутери и друга ИТ опрема.

Во текот на средбата претседателите Костадиновски и Озкаја ја договорија динамиката и темите на средбите. Следната билатерална средба ќе се одржи во 2025 година во Република Северна Македонија.

На средбите со претседателите на Врховниот суд и Државниот совет на Туркије, делегацијата беше информирана за надлежностите и поставеноста на двете институции во правосудниот систем. Беа разменети мислења и информации за клучните предизвици со кои се соочуваат највисоките судски органи, како и на Уставниот суд на Република Северна Македонија, во текот на постапките, согласно нивните надлежности.

„Независноста и самостојноста на уставните судови како и на останатите највисоки судски инстанци претставува перманентна борба. Тие покрај фактот што треба да бидат обезбедени и гарантирани со уставни и со законски решенија, уште повеќе треба да бидат афирмирани со одлучност и бескомпромисност од самите судски органи” истакна претседателот Костадиновски.

Во рамки на одржаните средби беа разгледувани и можностите за соработка на овие судови со Уставниот суд, како и со правосудните органи во Република Северна Македонија.

Во рамките на посетата претседателот Костадиновски се сретна и со потпретседателот на „Тика”, Махмуд Чевик. На пријателската средба беа разменети информации за можностите за натамошна поддршка од организацијата, за Уставниот суд во насока на негова дигитализација и обновање на ИТ опремата, со цел поефикасно работење.

To top