Македонија поднесена и една пријава за независен пратеник

Даштевски: Досега пријавени 11 кандидати за претседател на државата

Во врска со совпаѓањето на молкот пред првиот круг на претседателските избори со кампањата за парламентарните избори, Даштевски повтори дека ДИК постапува исклучиво во согласност со Изборниот законик.

Даштевски: Досега пријавени 11 кандидати за претседател на државата

Досега се пријавени 11 кандидати за претседател на државата, Вело Марковски, Билјана Ванковска, Томе Николовски, Бујар Османи, Господин Поповски, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари, Ѓорѓи Манасков, Мерсиха Смаиловиќ и Зорица Цветковска, а доставена е и една пријава за независен пратеник, информира вечерва претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски и потсети дека рокот за пријавување трае до 8 март.

Според него, утрово во 8 часот сите места за собирање потписи биле отворени. Вкупно низ земјава има 34 подрачни единици, распоредени во сите поголеми градови, а во некои од подрачните единици има и по неколку вработени. Работното време е од 8 до 20 часот.

Досега, како што рече Даштевски во „Топ тема“, до ДИК не се доставени никакви забелешки за несоодветни услови од кандидатите кои собираат потписи, а доколку некој нешто такво пријави, веднаш ќе се излезе во пресрет. Нема пријави, дополни, ниту за предвремено почнување на кампањата, но, сепак апелира политичките партии да ги почитуваат постапките и да се однесуваат во рамки на законот.

-Утрово во 8 часот сите места за собирање потписи беа отворени, работеа сите. За овој процес се подготвуваме многу и ги преземавме сите мерки. Имаме донесено Правилник за регулирање на постапката за собирање потписи кој може да се најде на веб страницата и да се прочита. Имаме дадено и наредба на вработените, ако не може немоќно лице да се качи, вработениот да се симне, рече Даштевски во врска со денешните поплаки на некои од партиите околу условите за собирање на потписите.

Во врска со Алијанса за Албанците и пријавувањето на оваа партија за претстојните парламентарни избори, претседателот на ДИК објасни дека ќе се бараат потребните документи и од Судот и од Централниот регистар.

-Ќе постапиме според закон кога ќе биде пријавувањето во ДИК за изборите. Ќе побараме документи и од Судот и од Централниот регистар, таму има која е вистинската партија и тука немаме дилема, подвлече Даштевски.

Во врска со совпаѓањето на молкот пред првиот круг на претседателските избори со кампањата за парламентарните избори, Даштевски повтори дека ДИК постапува исклучиво во согласност со Изборниот законик.

-Членот 69 од Изборниот законик го регулира прашањето за изборниот молк, а Роковникот како највиок акт што важи за изборите, вели дека на 22 април во 24.00, на 23 и 24 април, до затворањето на гласачките кутии, ќе има молк. Законот не предвидува ситуации кога се спојуваат во ист ден изборите. Во првиот круг ќе има молк за претседателските избори согласно законот и Роковникот. Не можеме да постапиме спротивно на Изборниот законик и спротивно на Роковникот. Роковите треба стриктно да се почитуваат. Има во членот 75а од Изборниот законик една одредба на која треба да повика АВМУ до која би апелирал што побрзо да го донесе правилникот за минутите за платено политичко рекламирање во кое ние сме само посредници, рече Даштевски.

ДИК ќе апелира, додаде, да не се злоупотребува кампањата за парламентарните избори во време на молкот, односно да се зборува само за парламентарните избори, не и за претседателските.

-Не знам како би се прекинал молкот. Не е предвидена ситуација кога се одржуваат двони избори. И АВМУ ќе апелира, идната недела имаме состанок со нив да најдеме некое средно решение, истакна Даштевски.

To top