Веќе се знае дека во новата американска долгорочна стратегија за односите со светот е наведена перспективата дека на Европа ѝ се заканува можност од „цивилизациско исчезнување“, соочена со миграцијата и од нејзините сопствени демократски слабости. Таа опасност е рангирана повисоко отколку руската агресија во Украина, која силно ги изнервира самоуверените водачи на Унијата. Трубите за распадот и исчезнувањето на Европската Унија како заедничка организација на повеќето европски држави не се слушаат првпат. Но, овој пат се најзвучни, отсвирени од досега најверниот сојузник. Иако е премногу храбро и рано за да се зборува дека ЕУ ќе се распадне како кула од карти, сепак многу сигнали упатуваат дека таа е исправена пред сериозни предизвици. Шпилот сѐ повеќе почна да се меша.
Кулата, таа силна и цврста градба (тврдина или дел од замок), е полна со симболи. Високата кула е симбол на власт, на супериорност, на голема амбиција, од една страна, но и на изолација, осаменост, страв за сопствената безбедност, од друга. Таа е симбол на моќ, што овозможува јасен поглед кон околината. Од неа се гледа од високо, сѐ што е долу изгледа и има третман на ниско. Секое приближување на непријателот може да се забележи уште оддалеку и да се реагира навреме. Таа е одличен одбранбен бедем. На врвот од таа кула денес седи американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја гради и издигнува американската доминација над западната хемисфера. Над Западна Европа, пред се’, анализира Панде Колемишевски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Во една друга кула престојуваат други луѓе, кои не ги согледуваат фактите, ги игнорираат предупредувањата, ги затвораат очите, мижат пред вистината, избегнуваат непријатни работи, ја губат мудроста, ги нарушуваат односите со околината и со блиските луѓе. Таму седат бирократите на Унијата. Меѓу нив изолираниот водач, кој станува сѐ посомничав, не знае кому и колку да му верува, го менува расположението, ја губи ароганцијата, се однесува како сѐ да е во ред, а знае дека не е, кај кого се создаваат стравови, се парализира храброста. Во таа кула е Володомир Зеленски, претседателот на украинската држава, која три години води војна со Русија. Дали таа кула е пред уривање и покрај сиот напор да се зачува, со сите нејзини недоследности, лицемерства, различни аршини и политичка непостојност, останува да се види. Еве, Американците не ѝ предвидуваат блескава иднина.
Се распаѓале и цели општествено – политички системи, политички и економски програми, се уривале и исчезнувале империи и цели држави. Од Вавилонската кула, па наваму, веќе не постојат Римската Империја, Византија, Француското Царство, колонијалната Британската Империја, Отоманското Царство. Во наше време како кула од карти се урна Советскиот Сојуз, една од најголемите држави на 20 век и Варшавскиот пакт, една од најмоќните воени организации. Без испукан куршум и без надворешна инвазија. Се урнаа во време кога такво нешто беше речиси незамисливо за обичните луѓе. Нешто слично се случи и со Социјалистичка Федеративна Југославија. Се случи она што ретко кој веруваше дека може да се случи, се распадна како кула од карти.
Како кула од карти се распаѓаат земји, институции, организации што подолго се наоѓаат во политичка и финансиска криза, земји во кои виреат лоши меѓунационални односи и постојат дезинтегративни процеси, кога има криза во владејачките партии и делби на нивните раководства. Кога наместо реална политика владее популизам или обландирана демократија и кога лидерите не се способни да се изборат со политичките, економските, социјалните и психолошките фактори на општеството, кога не покажуваат флексибилност и носат ригидни решенија, кога елитата е неспособна да ги препознае и разбере политичката динамика на своето општество, потребите и барањата на новите генерации.
Како кула од карти се уриваат режими, уредувања, системи и цели држави кога проблемите се замаглуваат, кога се ставаат под тепих, кога врхушката лаже и е опкружена со ситни, слаби, корумпирани и неспособни политичари, кои си ја префрлуваат одговорноста едни на други. Кога некои од проблемите не се решаваат не затоа што не може, туку затоа што не се сака, се нема желба, подготвеност или храброст нешто да се постигне. Кога свесно се парализираат какви било акции што водат кон излез од криза. Особено ако владетелот, водечката личност, било да има функција на крал, претседател на држава, премиер или слично, манипулира и лаже и нема противници или, ако има, тие се слаби.
Особено ако земјата е без нужниот политички баланс, ако е тотално еднопартиска, ако остане без „негативни личности“, без опоненти и без опозиционери, ако опозицијата ја претставуваат премногу слаби, наивни и неуверливи ликови или неспособни идеалисти, а владетелот е доминантен, шармантен, харизматичен и немилосрден. Ете, таквите општества и држави се уриваат како кула од карти, тогаш кога најмалку се очекува.
Како кула од карти се уриваат и човечки судбини.
Има ли некој жив човек кому не му се случило во животот такво нешто? Дали пријателство, дали љубов, дали брак и семејство, дали кариера, другарство, партнерство, дали некоја идеја, замисла, дело, некој започнат сон, некое очекување. Нешто што градел со голема енергија, со беспрегорен труд и со тешка мака? Кога како кула од карти во само еден миг, во еден час, во еден ден, му се урива нешто што градел цел живот, во што ги вложил сите свои сили (и пари, се разбира), нешто за што поднел доста лични откажувања и жртви, нешто во што ги вткаил сиот ум, сето знаење и умеење.
Или кога како кула од карти му се уриваат целата животна филозофија, ставовите и погледот на светот, кога како кула од карти му се уриваат државата, партијата, фирмата, домот, кога, само со поместување (или изместување) на само една карта, всушност, му се урива целата животна конструкција во која вложил сѐ што имал. И тоа во момент кога најмалку го очекувал тоа!
Панде Колемишевски за НОВА МАКЕДОНИЈА