Изминатото деноноќие имало пет пожари на отворено во државава, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според Регионалниот ЦУК Скопје, пожарникарите од БППЗ на Град Скопје од 15:50 до 16:50 часот со четворица пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалена нива на површина од околу 2 000 m2 во село Марино, општина Илинден. Пожарникарите имале и една помала интервенција поради запалено ѓубре во село Орман во општина Ѓорче Петров.
РЦУК Битола информирал дека екипа на ТППЕ Битола во период од 15:05 до 16:35 чаост, со тројца пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалена ниска вегетација близина на бензинската станица на „Лук Оил“ кај село Кравари.
РЦУК Велес информирал дека пожарникарите од ТППЕ Кавадарци од 13:00 до 18:00 часот, со четворица пожарникари и две противпожарни возила интервенирале на запалена ниска вегетација и трска на површина од три хектари во атарот на село Рибарци.
РЦУК Штип информирал дека пожарникарите од ТППЕ Кочани од 10:40 до 11:30 часот, со двајца пожарникари и едно противпожарно возила интервенирале на запалена градска депонија во Кочани.
Во соопштението од ЦУК е наведено дека во последното деноноќие имало вкупно 2 187 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 40,79 отсто, а 59,21 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 65,31 отсто, кон итната медицинска помош 30,61 проценти, а кон пожарникарите 2,72 отсто, од реалните повици кон 112 во ЦУК. (МИА)