Централниот одбор на СДСМ вечерва одржува седница на која треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на внатрепартиските избори на 30 јуни.
Извршниот одбор на СДСМ на седницата одржана на 27 мај донесе Одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски.
– Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација, соопштија од СДСМ.
Пред одржувањето на ЦО на СДСМ, кандидатура за иден лидер на СДСМ најави актуелната пратеничка и досегашна министерка за одбрана Славјанка Петровска.
– Ќе се кандидидирам за претседател на СДСМ, изјавила Петровска за ТВ 24.
Како можни кандидати за лидер на СДСМ се споменуваат и актуелните директори на Технолошко-индустриските развојни зони и на Царината, Јован Деспотовски и Стефан Богоев, како и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.