Царински службеници на граничен премин Дојран открија и спречија обид за шверц на 5.050 штеки цигари и електронски цигари со вредност од осум милиони денари. Инспектори од Одделението за истраги, при Секторот за контрола и истраги, го лишија од слобода осомничениот српски државјанин, возач на камионот, против кој е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело „криумчарење“ и за „фалсификување исправа“, казниви по Кривичниот законик.
Делото е откриено во неделата вечерта, на излез од граничниот премин Дојран, кога царинските службеници применувајќи напредни оперативни техники и аналитичко расудување при проценка на конкретната состојба на терен, извршија контрола на камионот пријавен како празен. При деталниот преглед е откриен специјално конструиран бункер со преграда каде е откриен 101 пакет со цигари и електронски цигари.
Дополнително, со асистенција на полициски службеници, утврдено е дека бројот на шасијата на полуприколката не е идентичен со бројот на шасијата во сообраќајната дозвола која ја употребил како вистинска кога ја дал на увид.
Ова е втор случај за многу кратко време, на откриен обид за криумчарење на големи количини цигари во специјално конструирани бункери во камиони откриени на гранични премини на територија на царинарница Гевгелија.