Македонија

Бркотница околу ССМ: Поранешниот претседател Митревски контра актуелното раководство- обвинува за сериозни скандали

Бркотница околу ССМ: Поранешниот претседател Митревски контра актуелното раководство- обвинува за сериозни скандали

Поранешниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, денеска на прес-конференција, на која му упадна актуелниот претседател на ССМ Слободан Трендафилов, се осврна на барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите тврдејќи дека Трендафилов ја замајува јавноста, а со ССМ се прави невиден скандал.

Трендафилов пак, кој неповикан упадна на изјавата, рече дека ССМ е репрезентативен синдикат и дека остануваат на барањето за зголемување на платите.

-Насилнички доаѓате и сметате дека насилинички треба да останете. Нека гледа јавноста со какво насилие се служите… Да упатам јавна критика во делот на однесувањето на Трендафилов и замајувањето на јавноста за зголемувањето на платите. Ние како чесни синдикалци ќе бараме зголемување на платите и ќе бараме врз основа со легитимните синдикати да направиме реален социјален дијалог со кој ќе утврдиме зголемување на платите на начин како што е утврдено во нашето законодавство, а не повикување на нешто што е спротивно на сите стандарди, рече Митревски.

Тврди дека е нелегитимно сменет од функцијата со решение потпишано од поранешната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски.

– Пристигнато е најново барање од страна на ЕУ до претседателот на Владата на Република Македонија, исто така и до министерот за економија и труд со кои бараат елиминирање на сите решенија, посебно на решението на госпоѓата Ременска со кој нелегитимно бев променет од позицијата претседател на ССМ, вели Митревски и додава:

„Имаме непобитни факти кои говорат за низа незаконити дејствија и за жал Слободан Трендафилов продолжува со својата активност“.

Ја повика и Владата и ресорните министерства итно да реагираат да се спречат злоупотреби по насоките на ЕУ кои бараат исклучиво владеење на правото.

Актуелниот претседател на ССМ, пак, потенцира дека остануваат на барањето за зголемување на платите.

– Мене ми е многу жал што претседателот Митревски се уште живее како да е 2017 година, 11 август, кога бил променет од функцијата. Од тогаш до денеска се поминати повеќе од шест години. Ние како ССМ остануваме на ставот дека платите во Македонија мора да се зголемат. Политичките памфлети, политичките напади врз претседател на ССМ, врз ССМ како организација, врз работниците ги отфрламе и сметаме дека се крајно несериозни особено поради тоа што ССМ е единствениот репрезентативен партнер во оваа држава на работодавачите и на владата и особено поради тоа што во изминатиот период успеавме да покажеме дека не само со социјален дијалог туку и со штрајкови и со преговори и со блокади ќе успееме да го направиме тоа што го правиме најдобро за работниците, а тоа е зголемување на нивните плати, изјави Трендафилов.

Митревски беше претседател на ССМ до 2017 година кога функцијата ја презеде Дарко Димовски.

Најнови вести од Македонија

To top