Одговорно тврдам дека немам никаков криминал во мојата кариера, работам чесно и напорно во сегментот на енергетика, каде што има многу нечисти игри. Со чесна работа и со резултати многу брзо ќе покажам дека нема да отстапам од намерата да се стави ред во делот на енергетиката во Македонија. Свесна сум дека ова некому му пречи, но повторувам дека сите афери што ќе ги измислат мене нема воопшто да ми пречат да им ставам крај на кражбите. Ќе одговара секој што се огрешил без исклучок, вели во интервјуто за МКД.мк Сања Божиновска, новата министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.
Опозициската партија СДСМ деновиве на прес-конференција излезе со обвинувања кон Вас со изнесување податоци за злоупотреби и долг кон државата на компании од енергетскиот сектор во кои имате работено, односно биле во Ваша сопственост. Кој е Вашиот коментар на ваквите обвинувања?
Одговорно тврдам дека немам никаков криминал во мојата кариера. Работам чесно и напорно во сегментот на енергетиката, каде што има многу нечисти игри, но јас не сум дел од нив. Многу тенденциозно е да се говори дека сум била дел од група или пак, дека самостојно сум вршела незаконски дејства за време на мојата кариера во приватниот сектор, без притоа да се посочи барем еден доказ. Нема ниту една пресуда против мене или пак, против компаниите во времето кога ги управував, а со кои би се поткрепиле овие тврдења.
Впрочем, да имав какви било криминали, зарем ќе најавев целосна ревизија на работењето на ЕСМ и МЕПСО, на сите зделки и договори во четири очи, кои доведоа до тоа двете најголеми енергетски државни компании да бидат во незавидна положба? Најавив и менување на „правилата на игра“, кои овозможуваа вакви зделки и злоупотреби. Моето долгогодишно искуство во енергетиката само ќе придонесе полесно да се надминат сите пропусти и да се „затворат сите дупки“ што даваа простор за криминали.
Ревизорските извештаи досега открија големи злоупотреби во ЕСМ и МЕПСО, но никој не реагираше. Сите знаат за криминалот, сите се свесни за тоа, а реакција немаше од обвинителството. СДСМ се плаши од најавените активности, па се труди со измислени афери да наметне тема што не постои.
Со чесна работа и со резултати многу брзо ќе покажам дека нема да отстапам од намерата да се стави ред во делот на енергетиката во Македонија. Свесна сум дека ова некому му пречи, но, повторувам дека сите афери што ќе ги измислат мене воопшто нема да ми пречат да им ставам крај на кражбите. Ќе одговара секој што се огрешил без исклучок.
Значи сметате дека најавата за ревизија на работењето на ЕСМ и МЕПСО е причина за нападите врз Вас?
Токму така. Очигледно е дека проблемот не сум јас, туку криминалите што се направени, а кои ќе излезат на виделина. И тоа некого го плаши и лиферува невистини.
Јас веќе остварив средба со државниот ревизор, а кога ќе се изврши промена на раководствата, веднаш ќе се ангажира независна ревизија за да се утврди реалната состојба и сите пропусти направени во изминатиот период. По откривањето на сите злоупотреби ќе се достават документи до ЈО.
Детална ревизија е неопходна бидејќи двете компании се од суштинско значење, од една страна за стабилно функционирање на електроенергетскиот систем, но исто така од нивното работење зависи и цената на струјата што се испорачува до домаќинствата и малите потрошувачи.
Во последните неколку години и ЕСМ и МЕПСО се соочуваат со превработеност, а исто така на јавноста ѝ се познати и сите коруптивни зделки што се правени, посебно во време на енергетската криза, која беше „оправдување“ за увоз на дополнителна енергија.
Затоа мора да се преземе одговорност и да се воспостави постриктна легислатива во однос на трговијата со електрична енергија. Во многу држави едноставно не постои можност да се има долг кон систем-операторот (државата), бидејќи постојат технички служби што на дневна база ги следат трансакциите на сите фирми-трговци, и секогаш мора нивното работење да е покриено со банкарски гаранции.
Нашата цел е од корен да направиме промени, да се обезбеди можност ЕСМ сам да тргува со струја, без посредници и воведување ред во трошењето, да се намалат загубите на енергија, да се воспостави механизам да не постои можност за постоење ненаплатлив долг од трговците со струја кон државните енергетски компании со обезбедување соодветни банкарски гаранции и друго.
Целото интервју со министерката Сања Божиновска може да го прочитате ТУКА