Со години наназад проблемот со водоснабдувањето беше едно од најболните прашања за жителите на Ново Село и Самоилово, рече на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов.
Со овој проект конечно ќе го решиме тоа, ќе изградиме нов довод на чиста вода од планината Огражден преку зафат на реката кај Стиник и цевковод долг 8,5 км. Ќе ја реконструираме филтер станицата и резервоарите со што ќе обезбедиме чиста, здрава и безбедна вода за сите домаќинства. Дополнително ќе ја намалиме и потрошувачката на електрична енергија, тоа значи чиста и здрава вода за пиење за секое семејство и крај на еден долгогодишен проблем. Почитувани мои сограѓани, општина Ново Село е нашиот дом, нашата љубов нашата иднина и нашата сила се овде, меѓу овие луѓе, овие улици и полиња. Мојата визија за општината се темели на приоритетни проекти кои ќе донесат поквалитетен живот, посигурна иднина и нова енергија и развој за Ново Село, истакна Божинов.