Активни пожари на отворен простор, на туристички дестинации, но и на планинските предели. Пожарникарите од Балканот се со полни раце работа.
Денес тие се обидуваат да изгаснат шумски пожари во три одделни покраини во Турција, Грција, Црна Гора, во близина на туристичка дестинација во Албанија, Бугарија, Македонија по неколкудневните интензивни горештини има седум активни пожари.
Во Албанија, пожарникарите, со помош на армијата, се обидоа да го стават шумскиот пожар под контрола пред да стигне до крајбрежниот град Саранда и други туристички места на југот од земјата на јонскиот брег. Локалната полиција објави дека во последните три дена уапсила 13 лица за намерно палење.
Грција денес се соочува со својот трет топлотен бран, најкритичен е пожарот кај Атина, како и на островите Евбеја и Китира каде што пожарите зафатија цели станбени квартови, гореа куќи, коли, но и против пожарни возила. Изгореа цели маслинови насади, фарми, илјадници хектари шума. Во пожарите загинаа седум лица, десетици се повредени, евакуирани и раселени се жители на цели села и населби.
Бугарија распореди противпожарни авиони за да им помогне на копнените сили во борбата против голем шумски пожар во пошумен југозападен регион, додека во Грција неколку села беа евакуирани, а пет лица беа повредени во одделни пожари за време на викендот, кои беа поттикнати од висока топлина и силни ветрови.
Дождот во Србија им помогна на пожарникарите да стават под контрола повеќе од 100 шумски пожари.
Во Црна Гора вложуваат натчовечки напори за да ги изгаснат пожарите, од Луштица, преку Ловќен и Чемовско поле, до Кучи и Братоножиќи, Пива и Дурмитор, објави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Во Македонија активни се седум пожари на отворен простор од евидентирани 27 на територијата на државава во изминатото деноноќие, под контрола се три, а 17 се изгаснати. Во справувањето со пожарите денеска треба да пристигне помош од Чешка, која испраќа хеликоптер, и од Словенија, тим од 50 пожарникари со специјализирана опрема.
Активни се пожарите во планина Голем Готен и Малешевските Планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација, во прилепското село Бешиште, кај местото викано Бешишки Рид, со крак кон село Градешница во Новаци и крак кон границата со Грција, зафатена е мешана шума, но не се интервенира поради детонации.
Активни пожари има и меѓу с. Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен во општина Прилеп и с. Галиште и Трстеник во општина Кавадарци, каде грои мешана шума и ниска вегетација, меѓу с. Црешево, Локвица и Крапа во Општина Македонски Брод, а зафатена е деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во с. Ќосевица во Македонска Каменица, борова шума, с. Ореше, во Чашка, ниска вегетација и букова шума, во кичевското село Горно Црско, ниска вегетација и ниска шума.