Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, Н.Е. Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Министерот Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.