Македонија Израз на загриженост

„Бараме плата за достоинствен живот“: Протестираат вработените во Македонска пошта

Доколку не се исполнат барањата, Велигденов вели протестот ќе продолжи понатаму, додека синдикалните организации на Македонска пошта ќе отпочнат постапка за штрајк во насока на заштита на работничките права. 

„Бараме плата за достоинствен живот“: Протестираат вработените во Македонска пошта

Вработените во Македонска пошта денеска го изразија својот револт поради ненавремената исплата на плати за месец февруари. Претседателот на синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов, посочи дека протестот на вработените е израз на загриженост за опстанокот на Македонска пошта, како и зачувувањето на нивните работни места.

Покрај тоа што 80 отсто од вработени во Македонска пошта се со просек на минимална плата, Велигденов вели, работодавачот не ја исполнил законската обврска да ги исплати платите во законски предвидениот рок. Поради лошата финансиска состојба на Македонска пошта, Велигденов истакна дека вработените стравуваат дека во наредниот период нема да има редовна исплата на плати.

-Имајќи ја во предвид лошата финансиска состојба на друштвото, револтот кај вработените е дотолку поголем од стравувањето дека во наредниот период ќе има редовна исплата на плата. Оваа финансиска криза е резултат на лошата организација на работењето во Македонска пошта предизвикана од кадровската политика и менаџирањето со години кое се спроведува во Македонска пошта со непродуктивно прераспоредување и вработувања со што се доведовме во состојба од недостаток на работници во технолошкиот процес, каде што највеќе се потребни работниците, а тоа се пошта-разнесувачи, недостаток на шалтерски работници, недостаток на работници во технолошкиот процес. Како резултат на тие политики имаме преполни работни места во администрација и шефовски позиции, истакна Велигденов.

Состојбата во Македонска пошта ги демотивира вработените, затоа Велигденов вели друштвото се соочува со одлив на вработени по сопствено барање.

-Синдикалните организации на Македонска пошта со години алармираат до Владата и раководството за хаосот и состојбите во кои се доведе Македонска пошта со барања за итно реформирање и реоганизирање на друштвото. Но, за жал, ниту се има слух, ниту разбирање од нивна страна за стабилизација и позиционирање на Македонска пошта на поштенскиот пазар како главен сервис на сите граѓани и институции во Македонија, рече Велигденов.

Нивните барања се изготвување нова систематизација, нов колективен договор, реорганизација на поштенските реони, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги.

-Ја повикуваме Владата која е основач и сопственик на Македонска пошта, заедно со раководството веднаш и без одлагање да се задолжат за обезбедување на финансиски средства за редовно исплатување на плата, како и преземање на итни мерки за реорганизирање и реформирање на работењето на Македонска пошта кое би довело до стабилизација и опстојување на компанијата, повика Велигденов.

Доколку не се исполнат барањата, Велигденов вели протестот ќе продолжи понатаму, додека синдикалните организации на Македонска пошта ќе отпочнат постапка за штрајк во насока на заштита на работничките права.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top