Македонија Животните приказни на Братислав Димитров

Балада за тарабука и клавир

Сè до неговото појавување се користеше познатиот универзален сапун „калуп“, направен од свинска маст и други состојки непознати дури и за самиот производител. Со него се переа чорапи, гаќи и глава. А мишки само во посебни прилики. Кога одиш на систематски преглед или во кревет со мис на Драчево по долгогодишно кандисување и тимарење. На кое ниво беше хигиената во тоа време? Многумина парите ги криеја под сапун, па сега ти види.

Балада за тарабука и клавир

Ова е хроника на едно чудо невидено. Легендата раскажува дека ни најблиските роднини не ги препознале учесниците во овој настан. Тоа е единствената добра вест за роднините. Дејството се случува во времиња што не може да се објаснат на младите. А пензионерите или ги заборавиле или тврдат дека тоа биле најдобрите „стари добри времиња“. Кој е во право? Никој не знае, дури ни француска собарица. Да ги оставиме литерарните описи на писателите, а ние да се фатиме за работа.

Таа 1968 година во нашите домови се појави „албус домаќи детерџент“, прв нормален прашок за перење во социјализмот. Заедно со пругите Брчко-Бановиќи, Шамац-Сараево, рефератите и корефератите, прашокот „албус“ беше најзаслужен за нашето приближување кон комунизмот. Нешто слично како денешново кон Европа. Сè до неговото појавување се користеше познатиот универзален сапун „калуп“, направен од свинска маст и други состојки непознати дури и за самиот производител. Со него се переа чорапи, гаќи и глава. А мишки само во посебни прилики. Кога одиш на систематски преглед или во кревет со мис на Драчево по долгогодишно кандисување и тимарење. На кое ниво беше хигиената во тоа време? Многумина парите ги криеја под сапун, па сега ти види.

Тогаш смислија наградна игра. Во прашокот „албус“ имаше пластично животинче. Со години брцавме во кутијата за да го собереме потребното животинско царство. Тогаш практично почна македонската берза. Ќе успееш да најдеш хиена во замена за твор. По долго и мачно преговарање, даваш магаре и слон за кокошка. Со зебрата даваш џамлија „коњак“ и еден гриз од кришка, само за да дојдеш до ретката газела или жирафа. Сите животинки ги собравме, само куче никако да се појави во проклетиот прашок!

Главната награда беше телевизор во боја, барем теоретски. Маалските аналитичари тврдеа дека џукелчето нема никогаш да се појави во ниту една кутија. А доколку и се случи тоа чудо, наградата ќе ја лапне некој буџа. А после ќе сликаат некој работник или селанец за да ни замачкаат очи. Тоа беа времиња кога носевме браон џемпери, чорапи и кондури. Браон е странски збор и се употребуваше заради стилски ефект. Едно е кога ќе кажеш браон капут, а сосема друго е кога ќе кажеш кафеави ѕиври. Главен хит тогаш беше „Чаше ломим руке ми крвавеее…“. Една тарабука уживаше повеќе углед од неколку клавири. Клавирот се доживуваше како идеолошки непријател со капиталистичка цена. Башка, на неговата музика не може да се игра чочек. А кога нема чочек, бадијала женските направиле длабоко деколте, боже ме прости.

И тогаш се случи тоа што се случи. Таман се гушнавме со перницата за мирен сон, еден шлакнат станар токму тогаш решил гласно да слуша класична музика! Од некој си Моцарт, децении подоцна многу попознат како бонбоњера и кладилница. Сè до тој драмски момент, мислевме дека „Ролинг стоунски“ и „Старо купујееем… !“ имаат најсилно озвучување. Не било така. Реквием К 626, Агнус деи, Санктус и Бенедиктус… Музички водопади во див галоп го поплавија „Тафталиџе“, додека цел куќен совет (во проширен состав) со полни џебови седативи, кљамчи под прозорецот на љубителот на гробарска музика. Никој пред и после тоа, не успеал толку убедливо да ги закопа нашите надежи за мирен малограѓански сон.

Без навреда и да си имаме уважение. Немаме големи замерки на дотичното музичко дело. Напротив. Реков напротив? Добро сум се изразил. Значи, како што реков, напротив. Ама братче, во три часот наутро, просечен човек максимум егоцентричност што може да си дозволи е да го боли заб, да чита класици или да фрла кеси со ѓубре од балкон. Сите останати активности ќе се сметаат за декадентни, затоа што социјалистичкиот реализам го најави брзото доаѓање на комунизмот. Во држави каде што се среќаваш со експерти по општа пракса почесто отколку со својата четкичка за заби, заборави на логика. Секој што во еден момент ја воочил разликата во тежината помеѓу филџан кафе и мотика, автоматски станал политичар.

И додека тектонски крешченда ја параа ноќта во фронцли, ние се организиравме. Со една канта сулфурна киселина и малокалибарска пушка за секој случај. Застанавме до неговата „лада жигули“, прва фарба. Дали успеавме да ја замолчиме музичката желба на нашиот комшија? Успеавме. „Ако е ова успех, тогаш поразот ми е помил“, прошепоти еден наш соборец кого по грешка го крстиле Френсис Скот Фицџералд. Правилата во секоја паланка се сурови и неумоливи. Никој не смее да штрчи над строго утврдениот духовен и секој друг конец. Можеш да успееш, ама само во некое странство.  А кога ќе се вратиш дома, во заседа те чека менталниот шублер. И коментари за Лондонската филхармонија како за кванташки пазар, особено ако ти си настапил во неа.

Додека се повлекувавме во тишина достојна и за гробот на господинот Тутанкамон, признавме дека оној премин од алегро во… не знам во што, ама и не беше така лош.

Што се случи после? После една мемла како рѓа нè јаскаше, гризеше долги години, месеци и секунди. После едно парче ноќ како флека од мармалад се залепи на нашите прозорци. Тиркизната душа на небесниот бескрај уште долго време трепереше како ранета чучулига над нашите глави, што и да се подразбира под глави. Ветер немаше. Чаша вода во фрижидер, уште помалку. Ништо немаше. Само прегладнетите џукели со своите крвави шепи гребеа по уличните контејнери. И додека милијарди дијаманти блескаа со своите ѕвездени насмевки, еден ангел како сребрен „ролс-ројс“ бесшумно прелета над „Тафталиџе“. Тоа беше нашиот комшија! Беше 22 Цутар (март) 1968 година, упокојување на св. Јован Богослов.

Следниот ден сите се колнеа дека го виделе на пазарче, во берберница, како ја полира својата „Лада жигули“, како ги рани маалските гулаби… Некој рече дека настапил со Лондонската филхармонија…

Тогаш грмна една тарабука по скалите од осмиот кат до приземје. Одеа да ја бараат за невеста Хелга, професорка по клавир. Наводно, била далечна роднина на браќата Волфганг, Амадеус и Моцарт. Така рече Ганза „Смрт“. А кога он ќе рече, речено е. Никој не смее да му се спротивстави, особено тие што не се социјално осигурани. После увидовме што е клавир, ама не сменивме мислење. Со право. Без да затропа тарабука и без марамче да се свитка, нема веселба.

Има уште едно после. После сè исчезна. Најдолго се задржаа бемките, познати во тоа време како „знак на лепота“.

Такви се сите времиња. Никој не ги разбира. Понекогаш срамот е посилен од смртта.

Најнови вести од Македонија

To top