Со мониторингот биле опфатени девет национални телевизиски програмски сервиси – МРТ1, МРТ2, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М и ТВ 24 Вести. Во него биле анализирани прилозите во централните изданија на вестите/ТВ дневникот, поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, како и другите видови емисии од овој тематски делокруг.
-Наодите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик. На програмските сервиси ретко беа забележани новинарските информативни прилози во контекст на партиски предизборни ветувања, а мошне чести беа нагласени критичките прилози за постојните, тековни општествено-политички последици од недоволно обмислени, лошо менаџирани политики на претходната и на одредени структурни делови од составот на преодната Влада, се вели во соопштението од АВМУ.
Забележани биле различни степени новинарска критичка зрелост во односот кон „псевдонастаните“ што во предизборието, како активен облик на самопромоција ги организираат партиите и одредени носители на јавни функции во составот на преодната Влада.
-Без исклучок – сите информативни редакции, доминантно покажаа интерес за темите поврзани со административните лавиринти за замена на документите за лична идентификација, каскадната одговорност за системска негрижа околу пациенти со ретки и/или со тешки заболувања, и навредливата реторика и политичката некултура во комуникацијата меѓу некогашни носители на јавни функции и медиумските работници. Информирање за лицата со сетилна попреченост единствено обезбедија МРТ 1 и ТВ 24 Вести.