Македонија

Андоновски – Стојменова Дух: Македонија и Словенија ќе соработуваат на полето на дигитализацијата

Андоновски – Стојменова Дух: Македонија и Словенија ќе соработуваат на полето на дигитализацијата

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска во Марибор, Словенија имаше работна средба со својата словенечка колешка, министерката за дигитална трансформација Емилија Стојменова-Дух.

Двајцата министри, како што соопшти кабинетот на Андоновски, на средбата разговараа за можностите за соработка во областа на дигитализацијата. Андоновски изрази почит за словенечките достигнувања во дигитализацијата. Тој нагласи дека Македонија има амбиција не само да ги следи туѓите примери, туку и да развие свои иновативни решенија.

Андоновски ги претстави целите и приоритетите на новоформираното Министерство за дигитална трансформација. Тој истакна дека Владата ја смета дигиталната трансформација за клучен приоритет во развојот на земјата.

Новото министерство ќе работи на развој на дигитални вештини, подобрување на инфраструктурата и промовирање на дигитални јавни услуги. Фокусот ќе биде на четири главни области: дигитална економија, образование, локален пристап и дигитална јавна администрација.

Министерот Андоновски нагласи дека дигиталната трансформација ќе придонесе за подобро владеење во насока на зголемување на ефикасноста и транспарентноста во јавниот сектор.

Стојменова-Дух изрази подготвеност Словенија да ја поддржи Македонија во овој процес и да ги пренесе позитивните искуства. Таа истакна дека ваквата поддршка е во согласност и со политиките на Европската Унија за земјите од Западен Балкан во забрзувањето на дигиталната трансформација, што е неопходно за унапредување на услугите што ги добиваат граѓаните.

– Целта на Македонија е да стане дигитален центар во регионот. Ова ќе им помогне на граѓаните, ќе ја зајакне економијата и ќе го подобри угледот на земјата на меѓународно ниво, нагласи Андоновски на средбата.

Двајцата министри се договорија да ја зајакнат соработката во иднина, се наведува во соопштението од канинетот на Андоновски.

To top